Иницијатива за законодавни реформи

Цел
Целта на иницијативата е да работи кон подобрување на изборната легислатива, изборниот процес и надминување на изборните нерегуларности.

Специфични цели

  • Формирање и координирање на тркалезни маси и работни групи;
  • Подготовка на Предлог Изборен законик и неговиот финален предлог;
  • Донесување на Предлог Изборен законик преку интензивно лобирање;
  • Подготовка на амандмани и коментари на Изборниот законик.

Постигнувања
Во 2004 година беше потпишан Меморандум за соработка со Министерството за правда. Организирани беа 4 тркалезни маси на кои беа поканети и земаа учество домашни и меѓународни експерти, претставници на сите политички партии и релевантни државни институции кои се поврзани со изборите. Целта на тркалезните маси беше да иницира јавна дебата и да ги детектира проблематичните прашања и слабости на изборниот процес. После нив, се оформи работна група со цел да издаде препораки за подобрување на изборната легислатива врз основа на извештаите од тркалезните маси.

Во 2005 беше формирана работна група со претставници од сите државни институции кои се вклучени во изборите ( Министерство за павда, Државната изборна комисија, Државниот завод за статистика, Државен завод за ревизија, Врховен Суд и др.), претставници на сите парламентарни партии, граѓански организации и експерти. Работната група го подготви Предлог Изборниот законик. По ова беа организирани 3 јавни сослушувања со цел да се вклучат мислењата од сите засегнати страни. По препораките од јавните сослушувања, работната група го подготви финалниот предлог Изборен законик кој Собранието на РМ го изгласа во март 2006.

Во 2007 МОСТ ја продолжи својата работа во полето на законски реформи. Потпишан беше договор помеѓу МОСТ, Министерството за правда и ОБСЕ. Работилници на 3 различни теми беа организирани. Темите беа: Државна изборна комисија, изборни нерегуларности и финансирање на изборни кампањи. По нив беше формирана работна група во која учествуваа: пратеници од Собранието на РМ, претставници од релевантни државни институции, претставник од МОСТ, претставник на ОБСЕ Мисијата во Скопје и 2 локални експерти. Работната група подготви амандмани на Изборниот законик и дел од нив беа прифатени од Собранието во октомври 2008.

Во 2009 МОСТ фацилитираше работна група составена од 3 домашни и 1 меѓународен експерт, кои изготвија Коментари на Изборниот законик, прва публикација од ваков вид во Македонија. Оваа публикација вклучуваше препораки од меѓународни организации поврзани со изборите, како и препораки од ОБСЕ и МОСТ насочени кон понатамошно подобрување на изборната легислатива.
Во 2009 и 2010 година МОСТ беше дел од работните групи организирани од страна на Секретаријатот за Европски интеграции при Владата на РМ со цел да се изготват нови амандмани на Изборниот законик во согласност со препораките на ЕУ, по проблематичните избори во 2008 и изборите во 2009. Во овие работни групи МОСТ беше единствен учесник од граѓанскиот сектор, еднаков со сите останати претставени институции. Последните амандмани на Изборниот законик беа прифатени во април 2011 година.

Клучни постигнувања

  • Подобрена изборна легислатива (Изборен законик) компатибилен со меѓународните изборни стандарди и добри практики;
  • Издаден Коментар на Изборниот законик;
  • Подобрен квалитет на изборниот процес;
  • Зајакнат институционалниот капацитет и зајакнат капацитетот за ЕУ интеграција.

Овој проект е финансиски Норвешка народна помош, Шведски Хелсиншки комитет за човекови права, ОБСЕ Набљудувачката Мисија во Скопје и Амбасадата на Кралството Холандија

Граѓанската асоцијација МОСТ како набљудувач во изборниот процес, смета дека преговорите за реформа на истиот мора да ги земат предвид меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите. Токму во таа насока МОСТ, денес одржа прес конференција на која го промовираше документот „Препораки за реформа на изборниот процес.“

Документот е подготвен врз база на 13-годишното искуство на МОСТ во набљудување на изборните процеси во РМ и во странство – како дел од набљудувачки мисии на ОБСЕ/ОДИХР и ЕНЕМО, како и преку градење на капацитетите на граѓанските организации за домашно набљудување на избори. Документот е поделен на поглавја кои ја следат хронологијата на изборниот процес. Секое од поглавјата дава кус опис на сегашните законски одредби за таа област, хронологија и анализа на нивното спроведување, како и препораки, можни решенија и алтернативи за идентификуваните предизвици и проблеми. Препораките се подготвени имајќи ги предвид меѓународните стандарди и компаративните искуства за изборите.

На прес конференцијата, Извршниот директор на МОСТ, г-динот Дарко Алексов истакна: „Препораките кои ги содржи овој документ се однесуваат само на најважните аспекти од изборниот процес, како што се изборниот систем, гласањето во странство, Државната изборна комисија, Избирачкиот список, изборната кампања и нејзиното финансирање и заштитата на избирачкото право. Тие не претставуваат замена за препораките кои се содржани во извештаите на МОСТ за досегашните избори, туку треба да се читаат комплементарно со нив. Дел од нив се предмет на преговорите помеѓу политичките партии, а дел од нив претставуваат долгогодишни заложби на МОСТ за кои политичките партии треба да постигнат консензус.”

МОСТ се надева дека овој документ ќе ги поттикне и останатите чинители во изборниот процес да ги изнесат своите идеи за реформа во една поширока дебата, како и дека ќе им служи на политичките партии како ресурс во поставувањето на основи за изборен процес со висок степен на доверба. Сепак, мора да се истакне дека не постојат совршени решенија кои може да се применуваат во сите држави и затоа при дизајнирањето на идните решенија мора да се имаат предвид спецификите на Република Македонија како држава и нејзиниот политички систем, минатите искуства, потребите на граѓаните, како и политичката култура.

МОСТ, исто така, се надева дека конечно ќе започне да се гради одржлив систем кој ќе биде во интерес на институциите, процесите и граѓаните. Како и досега, МОСТ им стои на располагање на сите учесници во овој процес за понатамошни анализи и дебати за сите прашања поврзани со изборите.

ПРЕПОРАКИ ЗА РЕФОРМА НА ИЗБОРНИОТ ПРОЦЕС

ПРЕПОРАКИ ЗА ПРЕС

Граѓанската асоцијација МОСТ продолжи со реализација на проектот “Иницијатива за законодавни реформи„. Во склоп на проектот се одржа четвртата тркалезна маса посветена на Законот за референдум и граѓанска иницијатива. На оваа тркалезна маса повторно експерти од Правниот факултет во Скопје, заедно со дел од народните претставници, претставници од Министерството за правда, ДИК и невладиниот сектор,формулираа препораки за измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива. Иницијативата за дополнување на овој Закон произлезе од потребата за дополнување и допрецизирање на неговите одредби, со цел да се избегнат пропустите кои беа забележани за време на референдумот од 7 ноември 2004.Четвртата тркалезна маса на тема “Реформи во изборното законодавство” се одржа на 13 декември 2004 година, во просториите на Хотел “Јадран„. Работната група за формулација на препораки од областа на референдумот беше составена од професорите од Правниот факултет во Скопје: Тања Каракамишева и Рената Треневска – Дескоска, како и пратениците: Цветанка Иванова, Благоја Стојаноски, Талат Џафери и Зоран Шапуриќ.

                                                                          препораки…

По двете успешно одржани тркалезни маси на тема Реформи во изборното законодавство, Граѓанската асоцијација МОСТ, во рамките на проектот “Иницијатива за законодавни реформи„ продолжува со напорите за промени во изборното законодавство. На третата тркалезна маса посветена на изборното законодавство работната група беше составена одРената Треневска – Дескоска, професор на Правниот факултет во Скопје; Тања Каракамишева, професор на Правниот факултет во Скопје; Зоран Шапуриќ, пратеник и претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците; Цветанка Иванова, пратеник и претседател на Законодавно-правната комисија; Благоја Стојаноски, пратеник и Талат Џафери, пратеник.  Темата на оваа тркалезна маса беше финансирањето на изборната кампања. Незаконската пракса во начинот на финансирањето на кампањите, како и нивното нетранспарентно водење се заеднички проблеми на речиси сите држави. Токму поради тоа, Република Македонија се обидува да ги реши проблемите на ограничување на трошењето од страна на политичките партии, обезбедување на транспарентност и контрола врз финансирањето на изборната кампања.  препораки>>>

Граѓанската асоцијација МОСТ, во рамките на проектот “Иницијатива за законодавни реформи„ продолжи со напорите за промени во изборното законодавство. Втората тркалезна маса се одржа на 3 септември 2004 година, во просториите на Хотел “Јадран„ и повторно беше посветена на изборното законодавство. Работната група за втората тркалезна маса беше составена од професорите на Правниот факултет во Скопје: Рената Треневска – Дескоска и Тања Каракамишева заедно со пратениците Зоран Шапуриќ – претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците; Цветанка Иванова – претседател на Законодавно-правната комисија; Благоја Стојаноски и Талат Џафери.

Заедно со експертите од Правниот факултет од Скопје и членовите на Парламентот, голем број на претставници од невладиниот сектор, претставници од Министерството за правда дадоа свој придонес на оваа тркалезна маса. Од работата на оваа тркалезна маса излегоа поголем број на препораки.

препораки>>>

Во рамките на програмата Одговорност и транспарентност на институциите, ГА МОСТ го реализира проектот “Иницијатива за законодавни реформи„.

Цел на проектот

Ø подобрување на легислативата во Република Македонија, со најголем акцент врз изборните закони кај кои што се констатирани бројни недостатоци.

Ø   обезбедување на слободни и фер изборни процеси.

Задачата на проектот е да се формулираат препораки за промени во изборното законодавство, во насока на комплетирање на правната рамка на изборниот систем, доближувајќи ја кон стандардите на Европската Унија. Што поскората корекција на детектираните недостатоци би спречило нивно повторување на идните избори.

Планирани активности

Во склоп на проектот “Иницијатива за законодавни реформи„ ќе се одржат четири експертски тркалезни маси, на кои експерти од Правниот факултет во Скопје, заедно со дел од народните претставници, претставници од надлежните министерства, Државната изборна комисија и претставници од невладиниот сектор, ќе се обидат да го најдат најдоброто решение за македонското изборно законодавство.

Прва тркалезна маса

На 29 јуни 2004година, во “Клуб на пратеници„ се одржа првата тркалезнa масa посветена на изборното законодавство. Работната група на МОСТ, за првата тркалезна маса составена од: Ѓорге Иванов, професор на Правниот факултет во Скопје; Гордана Силјановска – Давкова, професор на Правниот факултет во Скопје; Рената Треневска – Дескоска, професор на Правниот факултет во Скопје; Цветанка Иванова, пратеник и претседател на Законодавно-правната комисија; Благоја Стојаноски, пратеник и Талат Џафери, пратеник; излезе со препораки за промени во изборното законодавство.

препораки>>>

Целта поради која МОСТ ја организираше втората јавна расправа беше обезбедувањето на континуитет во давањето на транспарентност на целиот процес од донесувањето на Изборниот законик. Изборниот законик е во парламентарна процедура, во фазата пред второто читање. Како прашање кое ќе придонесе кон создавање на атмосфера за фер и демократски Парламентарни избори 2006, се отвори широка политичка дебата помеѓу политичките партии. На втората јавна расправа, политичките партии и експерти дискутираа по прашања кои сé уште се отворени: Избор и состав на изборните органи, дефиниција и финансирање на изборна кампања и санкции кои треба да се предвидат за прекршителите на изборната регулатива. Препораките и мислењата на учесниците ќе бидат земени во предвид при изготвувањето на финалната верзија на Изборниот законик, кој треба да биде донесен од страна на Собранието на Р Македонија. И оваа јавна расправа беше следена од претставници на меѓународната заедница.

Првата јавна расправа се одржа на 22.11.2005 година, непосредно пред изготвувањето на предлогот на Изборниот законик од страна на Министерството за правда.  Првата јавна расправа беше спроведена на начин кој овозможи поголем број на учесници да ги изнесат своите ставови и препораки по работната верзија на Изборниот законик. Дискусијата се одвиваше во рамките на три групи: Експерти и институции, Граѓански организации и медиуми, Вонпарламентарни политички партии. Членовите на работната група беа присутни во текот на целиот настан со цел да ги слушнат ставовите и мислењата на поканетите учесници. На крајот од секој дел беше оставена можност и за дискусија. Јавната расправа беше следена од претставници на меѓународната заедница. 25 од вкупниот број на препораки беа вметнати во предлогот на Изборниот законик којшто Министерството за Правда го достави до Владата на Р Македонија.