Мојот Парламент

Општи податоци за проектот
Мојот Парламент е акциско – истражувачки проект кој преку набљудување и истражување  ја известува јавноста за употребата на законските обврски и овластувања во партиципативниот процес за подобрување на демократскиот надзор врз спроведувањето на националната политика како и учеството на граѓаните во процесот на креирање политики и консултации.

Проектот е продолжение  или чекор понатаму на проектот „Мојот Пратеник“, кој претставува еден од најуспешните приказни на МОСТ во однос на подобрување на работата и функционирањето на Собранието на Република Македонија.

Напорите на Собранието да ги вклучи граѓаните, граѓанските организации и експертската јавност со цел да се обезбедат одржливи решенија и политики, се под секое задоволително ниво. Во повеќето случаи граѓанските организации се злоупотребуваат во процесот на консултации. Најчесто носителите на одлуки ги канат граѓанските организации на консултации само за да имаат солидно оправдување и за да покажат дека процесот е инклузивен, без притоа да бидат отворени да прифатат било која од препораките или решенијата понудени од страна на организациите.

Преку набљудување, собирање на податоци, анализа и јавно објавување на наодите за учеството на граѓаните и нивното влијание во процесот на креирање политики, проектот ќе ги поттикне Собранието и пратениците да ги консултираат, вклучат и прифатат препораките на граѓанските организации, а од друга страна оваа практика ќе ги зајакне граѓаните и граѓанските организации во оваа област.

Цел на проектот

Проектот Мојот Парламент ќе  даде придонес кон зголемување на влијанието и учеството на граѓанските организации во процесот на креирање политики и донесување на одлуки,  преку поттикнување на Собранието и пратениците повеќе да ги користат законските можности за нивна поголема вклученост. Во исто време преку проектот се промовира концептот на партиципативна демократија и вклучување  на граѓаните во општеството преку споделување на најдобрите практики како основа за функционална демократија.

Овој проект е финансиски поддржан од  Националниот фонд за демократија

Како резултат на работата на проектот подготвен е извештај којшто содржи податоци за функционирањето на постојаните работни тела во рамките на Собранието на Република Македонија за периодот од конституирањето на новиот парламентарен состав, односно од 25 јуни 2011-та година до 1 јуни 2012-та година.
Во периодот август 2011 – јуни 2012 г. Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведуваше проектот “Мојот парламент”, чија цел е да го промовира  концептот на   партиципативна демократија   и   вклучување   на   граѓаните во процесот на креирање политики и донесување на одлуки. Активностите во рамките на проектот беа насочени кон мониторинг на работата на постојаните работни тела (комисии) во рамките на Собранието.

Повеќе информации:

Соопштение за медиуми: Mакедонски | Albanian English

Извештај Мојот Парламент: Mакедонски | Albanian

Во рамките на проектот покрај мониторингот а на база на добиените и анализирани податоци Граѓанската Асоцијација МОСТ на 18.07.2012, организираше и дебата на која присуствуваа вкупно 40 учесници од редот на Пратениците, администрацијата во Собранието на Р Македонија, Граѓанските организации и останатите засегнати страни. 

Во рамките на проектот, Мојот парламент, беше организирана јавна дебата на тема: “Законски можности,влијание и учество на граѓанските организации во процесот на креирање политики и донесување одлуки“ .

На почетокот на дебатата Извршниот директор на МОСТ, г-дин Дарко Алексов, изврши презентација на податоците од извештајот од мониторингот на работата на Комисиите во Собранието на РМ, подготвен во рамките на проектот “Мојот парламент”. Покрај него на дебатата говореа и г-динотМарјан Забрчанец, Извршен директор на Младински Образовен Форум и г-динот Христијан Јанкуловски, Извршен директор на ХОПС, кои ги споделија своите искуства од учествата на нивните организации во јавните и надзорните расправи.

Во насока на јавните и надзорните расправи како механизам за граѓанско учество во процесите на креирање политики и донесување одлуки, како и контрола на извршната власт говореа

г-динот Александар Спасеновски, Претседател на Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието на РМ, г-динот Хајрула Мисини, Претседател на Комисијата за Европски прашања во Собранието на РМ и г-динот Менде Диневски, Претседател на Комисијата за здравство во Собранието на РМ.

Учество во дебатата земаа и останати претседатели на комисиите во Собранието на РМ, секретари на комисиите, како и претставници на граѓанскиот сектор.

Извештајот „Мојот парламент“ наскоро ќе биде промовиран и во јавноста.