Мојот пратеник

Општи податоци за проектот
Тргнувајќи од фактот дека демократијата најдобро функционира кога граѓаните се запознаени и вклучени во процесот на креирање политики, МОСТ своите активности ги насочува кон едукација и информирање на граѓаните, со што го дава својот придонес кон развој на подемократско општество. Покрај тоа, зголемувањето на транспарентноста и одговорноста на институциите дава дополнителна вредност на процесот.

Во 2003 и почетокот на 2004 година беше реализирана пилот фаза на проектот. Во октомври 2006 година, МОСТ и Собранието на РМ, потпишаа Меморандум за соработка на проектот Мојот Пратеник. Со Меморандумот се воспостави начинот на меѓусебна соработка и координација на активностите во сферата на информирање на граѓаните за работата на нивните избрани претставници во Собранието на РМ.

Извештајот „Мојот Пратеник“ се темели на презентација на податоците според однапред утврдени критериуми. Податоците за работата на пратениците се базираат на официјални информации од Собранието на РМ. Покрај податоците добиени од Собранието на РМ, извештајот содржи и податоци за средбите на пратениците со граѓаните и граѓанските организации во рамките на проектот Мобилен Парламент, истражувања на јавно мислење, како и податоци за користените услуги од Канцеларијата за контакт помеѓу Собранието на РМ и НВОи од страна на пратениците.

Извештајот за работата на пратениците беше издаван 2 пати годишно во февруари и септември. Секој од извештаите беше за период од 6 месеци во времетраење од 2 години.

Цел на проектот
Основна цел на проектот беше да се зголеми кооперативноста и отвореноста на пратениците од Собранието на РМ, кон потребите на граѓаните и подобрување на квалитетот на нивната работа, преку информирање на јавноста за ефектите од истата. Истото ќе придонесе и за артикулација на интересите и потребите на граѓаните и граѓанските организации во процесот на креирање политики и донесување на закони во Собранието на РМ.

Специфични цели
– Зголемување на отчетноста и одговорноста на пратениците кон потребите на граѓаните;
– Проценка на квалитетот на работата на пратениците;
– Информирање на граѓаните за работата на нивните избрани претставници во Собранието на Република Македонија.

Период на имплементација
Ноември 2006- јануари 2009

Достигнувања

  • Подготвени, издадени и промовирани 4 полугодишни извештаи „Мојот Пратеник“;
  • Дистрибуирани вкупно 240000 примероци до граѓаните;
  • Зголемен број на закони предложени од страна на пратениците;
  • Зголемен број на пратенички прашања;
  • Поставени стандарди за набљудување на работата на пратениците;
  • Зголемена свесноста на граѓаните за начинот на работа на нивните избрани претставници;
  • Зголемен капацитет на администрацијата во Собранието.

Клучно достигнување на проектот е постигнувањето на целосна одржливост и институционализација. По издавањето на четвртиот извештај „Мојот Пратеник“ проектот  беше предаден на Собранието на РМ. Денес Собранието на РМ само си ги издава извештаите.

Овој проект беше финансиски поддржан од Балканскиот Фонд за Демократија, Националниот Фонд за Демократија и Амбасадата на Кралството Холандија

КОЛКУ РАБОТЕЛЕ И ШТО СРАБОТИЛЕ ПРАТЕНИЦИТЕ ОД НОВИОТ СОСТАВ
Мониторинг на работата на Собранието на Р Македонија

Мониторингот на работата на пратениците и Собранието на Р Македонија,  го спроведе Граѓанска асоцијација МОСТ во периодот од конституирањето на новиот парламентарен состав заклучно со 31 декември 2008 годинa.

Во набљудуваниот период Собранието одржало вкупно 81 заседанија и донело 262 закони. Од донесените, 30 закони се донесени на четиринаесеттата седница (24.07.2008), а на дваесеттата седница одржана на 01.08.2008 донесени се 42 закони и 12 закони за ратификација.

За потребите на Мојот пратеник направено е истражување на јавното мислење од страна на Институтот за демократија “Sosietas Civilis” на барање на Граѓанската асоцијација МОСТ. Истото е спроведено на почетокот на јануари 2009. Истражувањето е спроведено на репрезентативен примерок од 1110 испитаници поделени по неколку основи: пол, возраст, образование, занимање, етничка припадност, населено место и изборна единица.

На прашањето Колку често го гледате Собранискиот канал/следитесобраниските седници?, најголем процент од граѓаните (38,2) одговориле ретко, а 24%рекле дека никогаш не го гледаат.14,1% од испитаниците одговориле дека секој ден следат Собраниски канал, а 13,3% дека следат барем два до три пати неделно.

Граѓаните дале средна оценка за работата на Собранието 2,43.Најголем дел од испитаниците (34,5%) дале тројка, а вкупно 49,5% дале помала оценка. Одлична оценка за својата работа, Собранието добило од  4,7% од испитаниците. Улогата што Собранието ја има во процесот на донесување на одлуките од сопствено значење, граѓаните ја оценуваат како делумна или мала (57,8%). Дека Собранието има голема улога сметаат 31,3% од граѓаните.

На прашањето Дали сметаат дека Собранието е независно од Владата во постапката за донесување на законите? најголем дел од испитаниците рекле дека е целосно (42,1%) или делумно (25,9%) зависно од Владата додека, само мал дел од испитаниците сметаат дека е независно (8,6%).

На прашањето Дали сметате дека пратениците добро си ја вршат својата работа?Најголем процент или 60,5% одговориле негативно, а потврден одговор дале 27,1%.

Запрашани Дали по одржувањето на изборите сте имале средба со пратеник од вашата изборна единица?, најголем дел од испитаниците (76,3%) одговориле дека немале ваква средба. Средба со својот пратеник оствариле 23% од граѓаните. Од овој процент на граѓани кои оствариле средби со пратениците, најголем дел се состанале приватно (32,9%), додека околу 23% се состанале во Канцелариите за комуникација со граѓаните.

22,9% од прашаните граѓани знаат за иницијатива која пратеникот ја покренал за проблем кој се случува во нивната изборна единица, а 62,8% не знаат дека постојат такви иницијативи.

Мониторингот на работата на Собранието и пратениците е дел од проектот Мојот Пратеник, за чие спроведување Граѓанската асоцијација МОСТ и Собранието на Р Македонија потпишаа Меморандум за соработка. Ова е четвртиот и последен извештај кој е базиран на официјални податоци, добиени од Собранието, а го опфаќа периодот од 21 јуни до 31 декември 2008 година. Истиот до граѓаните ќе биде дистрибуиран преку дневните весници и 19 регионални канцеларии на МОСТ. Заради тоа што овој проект ја постигна својата самоодржливост, во иднина МОСТ му го отстапува издавањето на овој извештај на Собранието на Р Македонија.

Извештајот, Мојот Пратеник, е алатка преку која на граѓаните им се презентираат информации за работата на пратениците, присуствата и отсуствата на седници, бројот на поставени пратенички прашања и сл. При тоа, Граѓанската асоцијација МОСТ ги претставува официјалните податоци добиени од Собранието на Р Македонија, без да ги анализира или коментира истите.

Мојот Пратеник е поддржан од страна на NED (National Endowment for Democracy), Амбасадата  на Кралството Холандија и Balkan Trust for Democracy (BTD).

КОЛКУ РАБОТЕЛЕ И ШТО СРАБОТИЛЕ ПРАТЕНИЦИТЕ

Мониторинг на работата на Собранието на Р Македонија

01 септември 2007 – 31 јануари 2008

 Граѓанската Асоцијација МОСТ во рамките на проектот  Мојот Пратеник го издаде третиот извештај од Мониторингот на работата на пратениците и Собранието на Р Македонија, за периодот од 1 септември 2007 до 31 јануари 2008 година.

Во периодот 15-18 февруари 2008, на статистички примерок од 1110 испитаници  направено е испитување на јавното мислење од страна на Институтот за демократија “Societas Civilis” на барање на Граѓанската асоцијација МОСТ, а за потребите на проектот “Мојот Пратеник”.

 соопштение за медиуми…

е-верзија…

КОЛКУ РАБОТЕЛЕ И ШТО СРАБОТИЛЕ ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ОВОЈ СОСТАВ

Мониторинг на работата на Собранието на Р Македонија

 Граѓанската Асоцијација МОСТ во рамките на проектот  Мојот Пратеник го издаде вториот извештај од Мониторингот на работата на пратениците и Собранието на Р Македонија, за периодот од февруари 2007 до август 2007 година.

Во извештајот се содржани и податоците од испитувањето на јавното мислење што за потребите на овој проект е спроведено во периодот од 17-21 септември на статистички примерок од 1118 граѓани.

соопштение за медиуми…

e- верзија (3MB) 

КОЛКУ РАБОТЕЛЕ И ШТО СРАБОТИЛЕ ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ОВОЈ СОСТАВ

Мониторинг на работата на Собранието на Р Македонија

Мониторингот на работата на пратениците и Собранието на Р Македонија, што го спроведе Граѓанска асоцијација МОСТ во периодот од август 2006 до јануари 2007 година, покажува дека:

– 12 пратеници, или 10% од вкупниот пратенички состав, биле присутни на сите 90 одржани заседанија на Собранието на Р Македонија (Виолета Ташева, Гоце Маркоски, Светлана Јакимовска, Јаготка Ивановска, Нада Станчевска, Надица Танчева- Тулиева, Васко Шутаров, Катерина Димеска, Оливер Деркоски, Соња Гелова- Стојанова, Цветко Грозданов и Ружа Ѓорѓеска)   …..

повеќе …