Отворени листи

Општи податоци за проектот
Потребата од постојана еволуција на изборниот систем наложува тој повремено да се менува и усовршува. Со оваа промена тој ќе овозможи поголемо ниво на вклученост и заинтересираност на граѓаните за изборите. Исто така, унапредувањето на изборниот систем позитивно ќе влијае врз зајакнувањето на внатрепартиската демократија, намалувањето на степенот на централизираност во политичките партии, како и повисокото ниво на одговорност на политичките претставници пред граѓаните.

Воведувањето на системот на отворени листи би имало неколку предности: ќе им овозможи на граѓаните да изберат точно за кој/и кандидат/и сакаат да гласаат што ќе ги зголеми легитимитетот и одговорноста на избраните претставници; ќе го зголеми нивото на внатрепартиска демократија што ќе доведе до поголемо влијание на локалните ограноци на партиите врз централата; ќе го зголеми квалитетот на предложените кандидати и, соодветно, нивните кампањи; ќе воведе систем на заслуги при креирањето на листите, со што ќе се намалат шансите за кандидирање на слаби кандидати, партиски послушници итн.

Цел на проектот
Да ја подигне свеста кај граѓаните за системот со отворени листи како модалитет на пропорционалниот изборен систем. Преку системот на отворени листи, граѓаните, покрај тоа што гласаат за предложените листи на кандидати, ќе можат да гласаат и индивидуално за поединечните кандидати на листите.

Специфични цели

  • Зголемување на свеста на јавноста и собирање на јавна поддршка за концептот за отворени листи;
  • Поттикнување на масовна дебата во сите сфери на општеството за значењето на претставувањето на пропорционален систем со отворени листи;
  • Лобирање за измена и надополнување на Изборниот законик, во насока на воведување на пропорционален систем со отворени листи.

Овој проект е финансиски поддржан од: Амбасадата на Кралството Холандија, Амбасадата на Соединетите Американски Држави и Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

www.otvorenilisti.org

На 14 март се одржа и последната од предвидените дебати во рамките на овој циклус од кампањата “Твојот избор да биде личност”.

И граѓаните на Гостивар, како што беше случај и на сите претходни дебати, во голем број присуствуваа и активно учествуваа на дебатата.

Учесниците беа нетрпеливи и уште за време на презентирањето на предложениот изборен модел, поставија низа прашања. Една од забелешките од страна на еден граѓанин беше дека овој систем ќе придонесе за зголемување на бројот на партии и независни листи со што ќе се расцепка гласачкото тело. На ова опонираше друг учесник со ставот дека моделот со отворени листи всушност ќе придонесе за намалување на бројот на партии, зашто не секој ќе се осмели да  се кандидира во ваков модел, каде точно се мери неговата популарност и омиленост  кај  граѓаните. Исто така, како досега, така и во моделот со отворени листи ќе се применува Донтовата формула за распределба на мандатите, така што моделот со отворени листи нема да придонесе кон зголемување на бројот на партии.

Беше изразено и сомневање во застапеноста на малцинствата според новиот модел, на што беше одговорено дека токму со моделот со отворени листи малцинствата ќе бидат најадекватно претставени, зашто гласовите од определена етничка заедница ќе одат точно кај кандидатот кој е припадник на таа заедница.

Еден од учесниците даде предлог моделот со отворени листи да биде само преодно решение кон еден уште подемократски модел, моделот со слободни листи, каде што гласачите можат да гласаат и за кандидати од различни кандидатски листи. Овој модел е карактеристичен за земјите со најразвиена демократија и несомнено е дека во иднина тој треба да биде целта кон која ќе треба да се стреми натамошното унапредување на изборниот систем.

Исто така, и на оваа дебата голем дел од присутните претставници на политичките партии дадоа поддршка за воведувањето на овој модел и посочија дека моделот ќе придонесе кон зголемување на квалитетот на избраните претставници и на излезноста на изборите.

Се на се, оваа дебата претставуваше одличен крај на овој циклус дебати. Следната активност во рамките на проектот “Застапување за отворени листи” ќе биде национална конференција, на која ќе учествуваат претставници од сите сфери од областа на изборите и изборната легислатива, а која ќе се одржи наскоро.

На 29-ти февруари во Битола се одржа претпоследната од предвидените дебати во рамките на кампањата “Твојот избор да биде личност”. Повторно бевме сведоци на преполна сала со граѓани кои во голема мера го поддржуваа предложениот модел со отворени листи и беа заинтересирани за  различни аспекти од неговото функционирање.

Едно од прашањата кое се покрена, а кое досега не беше поставено, се однесуваше на фокусирањето на кандидатите за пратеници т.е. советници кон нивните лојални гласачи, при тоа запоставувајќи ги неопределените. На истото беше одговорено дека, напротив, кандидатите ќе бидат помотивирани да им се обраќаат и на неопределените гласачи со цел да освојат повеќе преференцијални, односно индивидуални гласови.

Исто така беше посочено дека моделот со отворени листи ќе овозможи во политиката да се вклучат кредибилни и стручни личности, кои не се мотивирани да се кандидираат во сегашниот систем.

Мора да се напомене и дека скоро сите присутни претставници на политичките партии изразија поддршка за моделот со отворени листи зашто очигледни се неговите предности, вклучително и за политичките партии.

Како што кампањата се приближува кон крајот, се повеќе се намалува бројот на дилеми околу воведувањето на овој модел, а се повеќе се зголемува поддршката за него, и тоа од сите учесници во политичкиот и изборниот процес.

Последната дебата во рамките на оваа фаза на кампањата ќе се одржи во Гостивар.

На 8 февруари во Куманово се одржа уште една одлична дебата во рамките на кампањата “Твојот избор да биде личност”, седма по ред. Салата и овојпат беше преполна со граѓани кои сакаа да слушнат информации за различните модели за избор на нивните политички претставници. Исто така, беа присутни и претставниците на повеќе политички партии кои дадоа поддршка за воведување на изборен модел со отворени листи.

Она што ја разликуваше оваа дебата од претходните е тоа што граѓаните, покрај за поставување на прашања, беа заинтересирани и за презентирање на своите ставови и констатации, што на настанот му даде еден малку поинаков тон, односно, се разви вистинска дискусија помеѓу посетителите и говорниците на дебатата.

Така на пример, една од забелешките беше дека со предложениот модел ќе ослаби позицијата на носителите на листите, на што беше одговорено дека во определени случаи партискиот редослед ќе биде валиден и дека има системи каде што гласот за кандидатската листа автоматски се брои и како глас за носителот на листата, така што неговата позиција воопшто не би била загрозена.

Затворањето на партиите за авторитетни луѓе беше наредната забелешка, но всушност токму системот со отворени листи ќе придонесе партијата да вклучи такви луѓе на кандидатската листа кои ќе успеат да привлечат повеќе гласови и со тоа да придонесат кон вкупниот број на освоени мандати за партијата.
Од сето ова кажано досега, може да се заклучи дека имавме уште една успешна и плодна дебата, која покрена прашања за повеќе различни аспекти на системот со отворени листи и неговото евентуално воведување во Република Македонија.

Следната дебата е во Гостивар, на 15 февруари (среда).

Денес, 2 февруари е Глобалниот ден на изборите кој се прославува во првиот четврток од февруари, започнувајќи од 2006 година. Целта на овој ден е информирање на јавноста за новите постигнувања и предизвици поврзани со демократијата во светот и во Македонија.

Спроти овој ден, на 1 февруари, во Струмица се одржа уште една дебата во рамките на кампањата “Застапување на отворени листи”. Студот не ги исплаши граѓаните на Струмица кои во огромен број дојдоа да ја проследат и да учествуваат во дебатата.

По вообичаените излагања на имплементаторите на проектот, г. Дарко Алексов, г. Димитар Спасеноски и г. Христијан Ѓоргиевски, како и г. Насер Зибери, следуваше најинтересниот дел од секоја дебата, прашањата и дискусијата.

Граѓаните поставија неколку прашања кои беа поставени и на претходните дебати, како на пример:

  • Кој е легитиметот и одговорноста на пратениците со живеалиште во една изборна единица, а избрани во друга?
  • Што ако некој сака да гласа само за кандидат, а не и за кандидатска листа?
  • Дали процедурата на броење на гласовите ќе одземе повеќе време?
  • Дали кандидатите од поголемите места се во позиција да освојоат повеќе гласови од оние од помалите места, со оглед на поголемиот број на гласачи?
  • Дали моделот со отворени листи ќе продуцира внатрепартиски натпревар?

Исто така, на оваа дебата се покренаа и некои нови дилеми:

  • Дали треба да се размислува за можноста пратениците да можат да бидат отповикани (императивен мандат)?
  • Дали треба да се воведе задолжително гласање?
  • Како моделот со отворени листи ќе се примени за избирање на пратениците од странство?

Прашањата добија соодветни одговори од говорниците, од кои дел можете да најдете на следниот линк: http://otvorenilisti.org/?p=837.

Како заклучок, со оглед на посетеноста на дебатата како и на прашањата и аргументите кои се изнесоа, оваа дебата беше една од најуспешните во досегашниот тек на кампањата.

Од овој циклус на дебати останаа уште три, а наредната е во Куманово, на 8 февруари (среда).

Дебатата во Велес, одржана на 22 декември беше последната дебата за оваа година во рамките на кампањата “Твојот избор да биде личност”. Временските неприлики придонесоа овојпат да има помал број на присутни граѓани, но без разлика на тоа, се разви конструктивна и продуктивна дискусија, како и на досегашните дебати.

Во тимот на говорници, покрај претставниците на трите граѓански организации кои го имплементираат проектот, овојпат како експерт повторно беше присутна проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска која се осврна на потребата од зголемување на нивото на внатрепартиска демократија токму преку воведување на изборен модел со отворени листи. При тоа, таа наведе некои од позитивните страни на овој модел: поголема поврзаност помеѓу пратениците и граѓаните, застапеност на кандидати на листите од целата држава, поквалитетни кандидати за пратеници, зголемување на внатрепартиската демократија итн.

И оваа дебата, како и останатите, донесе интересни прашања, а дел од нив беа поставени за првпат во текот на овие дебати:

  • Дали партиите ќе си дозволат да кандидираат за пратеници луѓе кои се популарни и почитувани од граѓаните стравувајќи дека подоцна тие би се одметнале од партиската политика?
  • Кои се негативните страни на моделот со отворени листи?

Посебно беше интересен одговорот на второто прашање, односно дека куриозитет на овој модел е тоа што истиот носи предности за граѓаните, без да произведе некои дополнителни негативни последици, а некои од нив дури може да се сметаат и за позитивни, како на пример формирањето на фракции во партиите (зголемување на нивото на внатрепартиска демократија). Негативни последици постојат доколку се гледа низ призмата на политичките партии. Доколку пак се гледа низ призмата на граѓаните, за нив нема негативни последици од овој модел.

Со оваа дебата заврши циклусот дебати за оваа година, а дебатите ќе продолжат по новогодишните и божикните празници.

Среќни празници!

На 13.12.2011 г. во Прилеп, се одржа четвртата дебата од кампањата “Твојот избор да биде личност”.Како и претходните дебати, и оваа дебата беше посетена од голем број на граѓани кои во голема мера го поддржуваат моделот со отворени листи. Овој факт се потврдува со секоја нова дебата која ја организираме.

Тимот на говорници овојпат беше во ист состав како и на дебатата во Охрид, при што ги презентираше своите видувања околу различните аспекти на моделот со отворени листи, комуникацијата помеѓу пратениците и граѓаните и ставовите на пратениците и јавноста во однос на моделот со отворени листи.

Граѓаните најчесто имаат дилеми околу практичното спроведување на моделот и неговите последици. Така беше и на оваа дискусија, при што произлегоа интересни прашања:

  • Дали заокружувањето на индивидуалните гласови за кандидатите ќе одземе подолго време во текот на гласањето и пребројувањето на гласовите и ќе влијае на излезноста на изборите?
  • Колкави шанси да бидат избрани имаат кандидатите од помалите населени места?
  • Што се случува кога двајца кандидати имаат ист број на индивидуални гласови?
  • Како граѓаните ќе знаат точно за кој кандидат гласаат, со оглед на тоа што на гласачкото ливче би стоеле само редните броеви на кандидатите?
  • Дали ќе може да се гласа само за партиска или независна кандидатска листа, без да се гласа индивидуално за кандидатите?
  • Како моделот со отворени листи ќе влијае на односот помеѓу помалите и поголемите партии во рамките на коалициите?

Говорниците одговорија на сите прашања и ги разјаснија сите дилеми околу спроведувањето на овој модел и неговите негативни и позитивни страни. Со тоа заврши уште една успешна дебата во рамките на кампањата “Твојот избор да биде личност”.

Ние неуморно продолжуваме понатаму, да го објасниме моделот со отворени листи и неговите предности на што повеќе граѓани во Република Македонија. На ред се граѓаните на Велес, каде што ќе се одржи дебата на 22.12.2011 г.

И третата дебата со граѓани која се одржа во Охрид на 1 декември 2011 година се покажа како погоден форум за размена на различни мислења и ставови околу предлогот за унапредување на изборниот систем помеѓу заговарачите и промотерите на идејата од една страна и граѓаните, претставниците на граѓанските организации и политичките партии, од друга страна.

Уште на самиот почеток на дебатата, во текот на излагањето на г. Дарко Алексов за целите на проектот и различните модалитети на изборен систем со отворени листи, граѓаните покажаа голем интерес за практичните импликации од примената на ваков модел во Македонија.

Се чини дека долгогодишното практично искуство на г. Насер Зибери како поранешен пратеник во Собранието на РМ, дополнително ја расветлува потребата од иницирање на една ваква сеопшта расправа за нужноста од унапредување на изборниот систем.  Имено, неговите заклучоци од досегашното функционирање на изборниот систем посочуваат на постоење на голема зависност на пратениците од партиските раководства, што дополнително придонесува кон проблемот на не-автентично претставување на интересите на граѓаните од страна на пратениците во Собранието на РМ. Овие негови заклучоци беа поддржани и со податоците со кои располага Институтот за парламентарна демократија добиени од набљудувањето на работата на канцелариите за комуникација со граѓани на пратениците, во периодот од 4 години.

Во таа насока, г. Димитар Спасеноски истакна дека вистинската претставничка демократија најреално ја практикуваат оние пратеници кои се изгласани за пратеници во изборните единици од кои доаѓаат. Фактот дека овие пратеници се и навистина поблиски до својот електорат, го надополнува генералниот впечаток дека изборниот систем треба да се унапредува токму во насока на давање на поголема моќ на граѓаните во изборот на нивните претставници.

И уште една причина повеќе во корист на системот со отворени листи. Имено, резултатите од истражувањето кое го спроведе Националниот демократски институт за ставовите на пратениците од претходниот состав на Собранието на РМ, ги презентираше г. Христијан Ѓоргиевски и истите говорат дека 56% од пратениците на тој собраниски состав самите сметале дека системот со отворени листи ќе придонесе кон избор на пратеници кои ќе бидат повеќе посветени на интересите на граѓаните.

По презентацијата на сите овие факти, аргументи и заклучоци, следеше делот од дискусијата отворен за прашања и мислења од присутните граѓани. Нивните прашања најмногу беа насочени кон практичните аспекти од примена на ваков систем, како што се:

  • Кои се механизмите кои ќе го заштитат правото на кандидирање на помалку застапениот пол?
  • Дали ваквата промена ќе резултира со усложнување на самиот процес на гласање од страна на граѓаните?
  • Дали предложениот модел ќе вроди внатре-партиски борби помеѓу партиските членови?
  • Дали во РМ постои демократски капацитет да се примени еден ваков демократски начин на избор на граѓански претставници?

Сите прашања и дилеми на граѓаните добија соодветни одговори. Имено, панелистите се потрудија и најголемите скептици за примена на изборен систем со отворени листи да ги придобијат на страната на поддржувачи на истиот. И оваа дебата заврши со позитивни впечатоци и надеж дека предложениот модел во блиска иднина ќе стане реалност, со што ќе се отвори место на површина да испливаат нови, свежи и конструктивни идеи за идниот развој на изборниот систем на РМ.

Кампањата за унапредување на изборниот систем не запира. Продолжува понатаму, да допре до сите делови на државата и на сите граѓани да им ја претстави можноста за зголемување на нивната моќ во процесот на избор на нивните политички претставници.

На 13 декември на граѓаните на Прилеп ќе им дадеме можност да се запознаат со предлогот за унапредување на изборниот систем и ќе се обидеме и нивните прашања и дилеми да ги одговориме и да ги придобиеме како поддржувачи.

На 24 ноември, во Тетово, се одржа втората дебата од кампањата “Твојот избор да биде личност”. Дебатата побуди интерес кај Тетовчани и на неа зедоа учество голем број на граѓани.

На почетокот, г. Дарко Алексов ги презентираше целите и активностите на проектот, заедно со актуелниот и изборниот модел со отворени листи, при што беа прикажани и едукативни видеа кои ги објаснуваат карактеристиките на двата модела.

Потоа, проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска се осврна на различните варијанти/модалитети на системот со отворени листи и заклучи дека отворените листи ќе претставуваат чекор напред во зголемување на нивото на демократија во Македонија.

Тимот на панелисти овојпат беше надополнет со уште еден говорник, г. Насер Зибери кој ја збогати дебатата со своето практично искуство како пратеник во Собранието на РМ. Имено, тој истакна дека отворените листи ќе овозможат поголема независност на законодавната од извршната власт, со што Собранието повторно ќе биде место каде што ќе се водат квалитетни дискусии.

Во името на Институтот за парламентарна демократија овојпат говореше г. Гезим Јашари којшто ги претстави резултатите од работата на канцелариите за комуникација помеѓу пратениците и граѓаните. Овие резултати покажуваат дека оние пратеници кои се избрани во местото каде што живеат повеќе комуницираат со граѓаните и повеќе ги застапуваат нивните интереси. Очекуван позитивен резултат од системот со отворени листи е дека истите ќе придонесат да се избираат пратеници токму од местата каде што тие живеат со што ќе продолжат овие позитивни трендови.

Христијан Ѓоргиевски од НДИ ги презентираше резултатите од истражувањето за ставовите на пратениците и јавноста околу отворените листи при што мнозинството пратеници и мнозинството од јавноста го поддржува овој концепт.

Дискусијата која се разви беше продуктивна и најмногу се однесуваше на различните аспекти од функционирањето на изборен систем со отворени листи. Еден од заклучоците кој произлезе беше дека изборниот модел со отворени листи ќе придонесе да се избираат пратеници кои автентично ќе ги застапуваат интересите на нивните избирачи. Исто така, се наметнаа и неколку прашања за примената на предложениот систем, како на пример:

• Колкав број на поединечни кандидати може да се изберат во изборниот систем со отворени листи?

Во зависност од моделот, бројот може да се движи од 1, па се до вкупниот број на пратеници кои се избираат во изборната единица – 20.

• Дали ќе се зголеми бројот на неважечки ливчиња?

Тоа зависи од моделот кој ќе се избере (дали задолжително ќе се гласа и за партија и за кандидати или тоа ќе биде оставено на волјата на гласачите) и од едукацијата на граѓаните која ја вршат изборните органи пред секои избори. Најважно е да не се потценуваат граѓаните кои и во најсложени изборни модели точно знаат како да го остварат своето право на глас. Истото важи и за изборната администрација.

Со тоа заврши уште една успешна дебата, а на 1 декември кампањата продолжува, овојпат да ги слушне мислењата на граѓаните на Охрид.

Кампањата на проектот “Застапување за отворени листи” започна пред две недели со дебата во Штип, а денес продолжува со јавна дебата во Тетово, која ќе се одржи во општинската сала во 18:00 часот.

На дебатата ќе говорат: проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска, г. Дарко Алексов од МОСТ, г. Насер Зибери, поранешен пратеник, г. Гезим Јашари од ИПД и Христијан Ѓоргиевски од НДИ.

Дебатата има за цел да ги информира граѓаните за други начини на избор на политичките претставници, при што важни се мислењата на сите присутни во насока на конструктивна и аргументирана дискусија за позитивните и негативните страни на моделот со отворени листи.

Дебатата е отворена и сите заинтересирани граѓани се добредојдени активно да учествуваат во дискусијата.

На 20 ноември 2011 година, во Охрид се одржа предавање за моделот со отворени листи во рамките на Политичката академија за социјална демократија, организирана од страна на Институтот за социјална демократија “Прогрес” во соработка со Фондацијата “Фридрих Еберт” и Meѓународниот центар “Олоф Палме”.

Во текот на предавањето беа презентирани карактеристиките на двата модели (затворени и отворени листи), статистички податоци за земјите кои употребуваат модел со отворени листи и беше прикажано како  овој модел практично се применува во некои од тие земји.

Притоа се разви динамична дебата помеѓу учесниците на академијата околу прашањето дали при евентуално воведување на модел со отворени листи, треба да се има предвид интересот на политичките партии, или пак треба да се обезбеди поголема слобода на избор на граѓаните. Исто така, беа дискутирани и начините преку кои идните пратеници си обезбедуваат место на кандидатските листи и кои фактори влијаат врз тој избор. Односот пратеник-електорат беше дискутиран од аспект на тоа дали пратеникот е избран во изборната единица во која живее или не и заедничкиот став беше дека при модел со отворени листи повеќе шанси за избор би имале кандидатите кои имаат поблиски врски со електоратот кој ги избира. Беше заклучено дека отворените листи ќе ја поттикнат дебатата внатре во партијата со цел да се изберат најквалитетните кандидати за пратеници. Се постави и прашање за резервираните места за помалку застапениот пол и беше објаснето дека постои метод кој што се применува во моделот со отворени листи со што се обезбедува истото ниво на застапеност на двата пола како и во модел со затворени листи.

На крајот, се кристализираше ставот дека без оглед на тоа што мислат политичките партии за отворените листи, може да се каже дека овој модел би бил повеќе прифатен од страна на граѓаните.

Караванот на кампањата “Застапување за отворени листи” неуморно продолжува понатаму со јавна дебата во Тетово, во четврток, на 24 ноември.

Јавната дебата која се одржа во Штип на 11 Ноември 2011 година е прва од повеќето кои ќе се одржат низ државата со цел граѓаните да се запознаат со идејата и предностите на пропорционалниот изборен систем со отворени листи.

На почетокот од дебатата г-динот Дарко Алексов, од Граѓанската асоцијација МОСТ ги презентираше актуелниот изборен систем како и изборниот систем со отворени листи, додека пак проф. Д-р Тања Каракамишева се осврна на тоа зошто треба да се воведе изборен систем со отворени листи.

Г-динот Димитар Спасеноски, од Институтот за парламентарна демократија изврши презентација на податоците од работата на канцелариите за комуникација помеѓу пратениците и граѓаните, а г-динот Христијан Ѓорѓиевски, од Националниот демократски институт ги презентираше резултатите од истражувањето за ставовите на пратениците во однос на изборниот систем со отворени листи спроведена во периодот од 1 до 19 март 2010.

На дебатата учество зедоа претставници на општинските ограноци на политичките партии во Штип, локални граѓански организации и како сите заинтересирани граѓани.

Презентацијата на предложениот модел предизвика голем интерес кај присутните. Тие сакаа да добијат повеќе информации за различни аспекти од функционирањето на пропорционален изборен систем со отворени листи, како на пример:

  • Начинот на примена на системот локално ниво, како и влијанието на истиот врз начинот на избирање на советите на општините;
  • Дали предложениот модел се применува во соседството и во кои земји?
  • Како би се применила законската обврска за резеврирани места за помалку застапениот пол на кандидатските листи?

Несомнен беше заклучокот дека предложениот модел би претставувал природно подобрување на квалитетот на изборниот модел, особено поради моќта која тој им ја дава на граѓаните директно да влијаат врз изборот на нивните претставници.

Дебатите продолжуваат понатаму со цел што поголем број граѓани да се запознаат со предностите кои ги нуди изборниот модел со отворени листи.

Проектот „Застапување за отворени листи” има за цел да поттикне дебата на регионално и национално ниво за предностите кои ги нуди изборниот систем со отворени листи за граѓаните, како и за можноста за воведување на таков систем во Република Македонија. Од таа причина, на 11 Ноември 2011 година, со почеток во 17:00 часот, во општинската сала на Општина Штип ќе се одржи првата дебата која ќе ја отпочне серијата на регионални дебати кои ќе се спроведуваат во периодот од ноември 2011 година, до март 2012 година.

На дебатата говорници ќе бидат проф. д-р Тања Каракамишева, Дарко Алексов од ГА МОСТ, Димитар Спасеноски од ИПД и Христијан Ѓорѓиевски од НДИ.

Дебатата е јавна и на неа можат да присуствуваат сите заинтересирани граѓани. На дебатата граѓаните ќе имаат можност директно да поставуваат прашања и да добијат одговори за сите аспекти од функционирањето на изборен систем со отворени листи.

Колку сте вие запознаени со концептот на отворени листи и предностите што тој ги нуди?