Патоказ кон слободни и фер избори

Проектот предвидува сеопфатен мониторинг на периодот пред распишувањето на изборите планирани за април 2016 г., спроведување на кампања за подигнување на свеста во врска со правото на глас и обезбедување поддршка на реформата на изборниот процес. МОСТ ќе го спроведува овој проект во соработка со 4 граѓански организации, вклучувајќи ја и својата мрежа на локални организации.

Мониторингот ќе ги опфати следните сегменти: 1) политичкиот контекст, вклучувајќи ги а) исплаќањето на субвенции, б) меѓуетничките односи, в) активностите на политичките партии, централната/локалната власт и евентуалната злоупотреба на државни ресурси, г) реформата на администрацијата, како и

2) евентуалните притисоци врз вработените во администрацијата, граѓаните, младите и злоупотребата на деца во политички цели. Ќе се набљудува и проверката на Избирачкиот список (административна и теренска). Кампањата за подигнување на свеста ќе се фокусира на прашањата како слобода на избор, тајност на гласот и заштита на избирачкото право. Проектот исто така предвидува формирање на датабаза на одлуки поврзани со приговорите и тужбите во изборите.

Гласањето на граѓаните кои се на привремена работа или престојуваат во странство, т.н. гласање на дијаспората, за првпат беше воведено со измените на Изборниот законик од 2008 година, а за првпат се спроведе на парламентарните избори во 2011 година. Дијаспората на гласачките места во странство може да гласа на парламентарни и претседателски избори, а оние граѓани кои имаат живеалиште во Република Македонија (РМ), односно лична карта, може да гласаат и на локални избори, доколку на изборниот ден се наоѓаат во Македонија.

Според Изборниот законик, правото на глас им е овозможено на сите граѓани кои на денот на изборите привремено престојуваат во странство повеќе од три месеци или се на привремена работа или престој во странство повеќе од една година. Овие лица се запишуваат во посебен извод од Избирачкиот список, според нивното последно живеалиште во РМ пред заминувањето во странство. Ова значи дека правото на запишување во Избирачкиот список треба да се однесува само на првата генерација иселеници, имајќи предвид дека нивните потомци никогаш не би имале регистрирано живеалиште во РМ и соодветно на тоа, не би можеле да бидат запишани во Избирачкиот список. Истовремено, важно е да се нагласи дека според моменталната правна рамка, времето на престој во странство не е ограничувачки услов за остварување на избирачкото право, како што е тоа во други држави, како на пример Германија, Велика Британија и Канада.

Во однос на начинот на гласање, гласањето е лично, во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) на РМ и конзуларните канцеларии. Ова решение го доведе во прашање правото на еднаков пристап до гласачкото место, имајќи ја предвид слабо развиената дипломатска мрежа на РМ, особено во Јужна Америка, Африка и Азија. Дополнително, согласно нивните надлежности, дел од ДКП-ата беа или се задолжени за покривање и на други држави, а најиндикативeн пример за ова беше ДКП во Виена кое до изборите во 2014 година беше задолжено и за Јапонија.

Од воведувањето, гласањето во странство не претрпи измени, со исклучок на изборниот модел, кој не е предмет на оваа анализа.

Што се однесува до вкупниот број на лица кои се наоѓаат на посебниот извод од Избирачкиот список за гласање во странство, тој во април 2012 изнесуваше 81.304 избирачи, на изборите во 2014 беше 83.508, а пред одржувањето на овие избори изнесува 76.721 избирачи.

Интересно е да се споредат овие бројки со официјалната бројка на државјани на РМ и проценката за бројот на жители на Државниот завод за статистика. Имено, Државната изборна комисија на својата 40-та седница одржана на 10.05.2016 објави дека бројот на државјани на РМ изнесува 2.464.266, додека пак бројот на населението на РМ на 31.12.2015, според процената на Државниот завод за статистика, изнесувал 2.071.278 жители. Доколку се одземе овој број од бројот на државјани, се доаѓа до бројка од околу 390.000 лица кои престојуваат во странство и тоа во моментов е единствената процена што може да се направи во однос на бројот на иселени граѓани, според официјалните податоци. 76.721 граѓани се официјално пријавени дека престојуваат во странство, што значи дека останатите околу 315.000 лица не се регистрирани дека престојуваат во странство.

Ова нѐ  доведува до прашањето како овие лица се пријавуваат и како се евидентираат од страна на надлежните органи.

Согласно Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето, граѓанинот кој има намера да престојува во странство повеќе од 3 месеци, должен е да се пријави во Министерството за внатрешни работи, на граничниот премин или во ДКП на РМ во таа земја. Сепак, имајќи предвид дека ова е оставено на волјата на граѓаните, невозможно е да се утврди дали сите граѓани кои се отселиле во странство се пријавиле, што се гледа и од бројките погоре. Ова се потврди и практично при пријавувањето за гласање во странство за овие избори, каде согласно извештајот на ДИК, 11.745 од 20.591 граѓани се граѓани кои претходно не биле пријавени дека престојуваат во странство.

Сегашниот начин на евидентирање на граѓаните кои престојуваат во странство во Избирачкиот список (според нивното последно пријавено живеалиште во РМ) многу лесно може да доведе до негова неажурност. На пример, кога на адресата на која живеело некое лице кое се преселило во странство ќе се насели некој друг, на таа адреса ќе бидат запишани и тој што се отселил и тој што дошол да живее на таа адреса.

Тука исто така постои и проблемот на запишување на адресата во пасошите на оние граѓани во странство на кои тоа им е единствен документ за идентификација во РМ. Имено, во некои пасоши стои адресата од странство, а во други адресата од РМ на која лицето имало последно живеалиште пред да замине во странство. Овој проблем се појави на локалните избори во 2013, имајќи предвид дека за да може да гласа на локални избори гласачот мора да има живеалиште на територијата на соодветната општина. Во првиот изборен круг на гласачките места се појавија граѓани кои се идентификуваа со македонски пасош во кој како место на живеење беше наведена Република Албанија, по што ДИК донесе заклучок за вториот круг да не се дозволи гласање на лица со пасоши во кои не е наведена адреса на живеење во РМ. Со оглед на тоа дека лица од Република Албанија гласаа и во вториот изборен круг и прегласувањето, тоа не беше можно да го направат без да извадат лични карти помеѓу двата изборни круга, имајќи го предвид заклучокот на ДИК.

Од сето погоре наведено може да се заклучи дека во иднина треба да се размислува за промена на начинот на гласање (по пошта или електронски), како и за начинот на пријавување и евидентирање на граѓаните кои се отселиле во странство, при што можеби би било добро да се направи дистинкција помеѓу две категории: лица кои трајно се отселиле и лица кои само привремено престојуваат во странство. Првата категорија граѓани би биле запишани во Избирачкиот список без последно живеалиште и би имале право да гласаат само во странство (на претседателски и парламентарни избори), додека втората категорија граѓани би можеле тоа да го направат и во странство и во РМ (на сите видови избори). На тој начин би се избегнале проблемите со последното живеалиште, како и со различното запишување на адресата во пасошите на граѓаните кои престојуваат во странство.

Овој документ има за цел да ја анализира работата на надлежните органи за решавање по приговори за изборите и главните предизвици со кои тие се соочувале во периодот од предвремените парламентарни избори во 2008 до парламентарните и претседателските избори во 2014. За таа цел, ќе бидат користени финалните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР и Граѓанската асоцијација МОСТ. Набљудувачите на изборите даваат објективна и непристрасна оценка на целокупниот изборен процес. Нивните извештаи се достапни и отворени за јавноста. Од тие извештаи може да видиме дали и каде грешеа органите надлежни за заштита на избирачкото право и дали ги земаа предвид препораките на овие организации од 2008 до денес?

Предвремени парламентарни избори 2008

Во однос на постапката за одлучување по приговори, генералната оценка на МОСТ и ОБСЕ/ОДИХР е дека ДИК транспарентно и ефикасно ја завршила својата работа. Како куриозитет од извештајот на ОБСЕ/ОДИХР може да се издвои забелешката дека одлучувањето по приговорите се пренесувало во живо на ТВ. Ваквата практика е забележана единствено во 2008 година.

МОСТ и ОБСЕ/ОДИХР го поздравуваат новиот темелен начин на разгледување на приговорите. Имено, од 2008 година ДИК за првпат фактичката состојба ја утврдувала врз основа на увид во целокупниот изборен материјал за конкретното избирачко место. При разгледување на приговорот ДИК прво утврдувала дали записниците од избирачките места содржат забелешки од избирачките одбори или овластените претставници и дали имало поднесени забелешки до ОИК. Од друга страна, во извештајот на МОСТ се утврдува одредена неконзистентност во примената на овој метод што резултирало со намалување на довербата во постапката на поништување на изборните резултати.

ОБСЕ/ОДИХР препорачува разрешување на судирот меѓу Изборниот законик и Законот на прекршоци за да може ДИК во практика да почне да покренува постапки против лицата кои сториле изборни прекршоци, а истите се наведени во записникот.

МОСТ препорачува да се редефинираат основите за поведување на постапка за поништување на гласањето, со цел да се ослободат изборните органи од одлучување по ирелевантни и беспредметни барања.

Двете организации лоцираат позитивен судир на надлежноста помеѓу Врховниот суд и Управниот суд. Иако оваа празнина била пополнета од страна на ДИК со донесување на одлука со која се одлучило сите жалби да се проследуваат кај Врховниот суд, сепак потребно било трајно решение. Заради тесното толкување на своите надлежности од страна на Врховниот суд, ОБСЕ/ОДИХР препорачува надлежноста за одлучување по жалби и тужби да биде префрлена на Управниот суд.

Претседателски и локални избори 2009 

ОБСЕ/ОДИХР забележал дека во овој изборен процес ДИК првпат примила 5 приговори од гласачи за заштита на правото на глас, право што во претходните циклуси било користено само од политичките партии.

Постојат повеќе забелешки од страна на ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ во врска со работата на ДИК во постапката за одлучување по приговори. И ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ утврдуваат неконзистентност и недоследности при увидот во изборниот материјал. За разлика од 2008 г., овој пат ДИК не вршела увид во изборниот материјал и одлуките ги носела главно врз основа на записниците од избирачките места. Според ОБСЕ/ОДИХР, и покрај тоа што ДИК донела упатство за постапување по приговори, се чинело дека тоа ја намалило обврската за увид во изборниот материјал и ја ограничила ДИК своите одлуки да ги носи главно врз основа на записниците. Следствено, најголем дел од приговорите каде доказите од приговорот не биле внесени во записникот не биле прифатени, без оглед на тоа што не постоела законска основа за таквото постапување.

Според МОСТ, забележана била неконзистентност во примената на Изборниот законик и упатството за решавање по приговори. Дополнително, членовите на ДИК одредени одлуки ги носеле водејќи се од позициите на политичките партии кои ги предложиле како членови.

И ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ препорачуваат темелна анализа и измени на одредбите од Изборниот законик кои предизвикуваат недоследности и конфузија во практика. МОСТ како пример  го издвојува членот 151 кој креирал проблеми и во 2008 година, од причина што во него не е предвидено дали гласањето треба да биде поништено во случаите кога бројот на гласачките ливчиња во гласачката кутија е помал од бројот на избирачите што гласале.

Според ОБСЕ/ОДИХР, пак, потребно било јасно да се пропише во Изборниот законик кој, и во кој рок може да поднесе тужба против одлуките на ДИК. Истовремено ОБСЕ/ОДИХР предлага да се утврди под кои околности ДИК  е обврзана да изврши увид во целокупниот изборен материјал. Дополнително, потребно било да се прецизира кој закон ќе се применува во процесот на донесување на одлуки по тужбите, дали Законот за општа управна постапка (кој на одредени места бил во судир со Изборниот законик) или Изборниот законик.

МОСТ забележува и на воспоставената практика на членовите на ДИК при одлучување за многу важни прашања да остануваат воздржани. Таквото постапување било во спротивност со член 23 од Изборниот законик и не требало да се толерира.

Предвремени парламентарни избори 2011 

Според извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ, генерално не биле забележани посериозни прекршувања во однос на одлучувањето по приговори.

Според МОСТ, во постапката на одлучување по приговори се применувало следното правило: за приговорот да биде усвоен, требало да биде внесен во записникот од избирачкото место, иако тоа не било експлицитно наведено ниту во Изборниот законик, ниту во Упатството за решавање по приговори издадено од ДИК.

И ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ препорачуваат бришење на одредбата од член 31, став 2, точка 35 со која ДИК се овластува да изврши увид во изборниот материјал, но ако има најмалку два приговора за избирачкото место. Ваквото ограничување го повредувало правото на ефективен правен лек на подносителот и не требало да постои дополнителен услов за да се разгледаат поднесените приговори.

Локални избори 2013 година

Локалните избори од 2013 година поминале со најголем број забелешки од страна на ОБСЕ/ОДИХР и МОСТ, а и со најголем број поднесени приговори.

Според МОСТ, во Изборниот законик постоела неконзистентност во однос на бројот на приговори кои биле потребни за ДИК да изврши увид во изборниот материјал. Така, во член 31 било наведено дека треба да има 2 приговори во ИМ за да се изврши увид, додека пак член 151 одредувал дека ДИК го поништува гласањето во одредени случаи “по поднесен приговор”. И ОБСЕ/ОДИХР ја истакнува оваа одредба како спорна. Исто така не било јасно која е основата за прифаќање на приговорот – дали треба да постои забелешка во записникот од избирачкото место, или, доколку тоа не е овозможено, забелешка до ОИК. Според ДИК доколку немало забелешка во записникот од ИМ или до ОИК, приговорот не можел да се прифати.

И МОСТ и ОБСЕ/ОДИХР забележуваат дека при одлучувањето по приговорите ДИК не била конзистентна во носењето на одлуки за исти неправилности, а дел од нив биле донесени не земајќи го во предвид Изборниот законик и произлегувале од тесните политички интереси.

Имено, забележани биле случаи каде приговори за кои имало докази биле отфрлени или делумно прифатени, додека приговори за кои немало докази биле прифатени и гласањето било поништено. Исто така, констатирано било непоништување на гласањето кога имало основи за поништување, како и невршење на увид во целокупниот изборен материјал во случаи кога Изборниот законик ја наложувал ваквата обврска.

Според МОСТ, неконзистентноста на ДИК се огледала и во фактот што по одржувањето на првиот изборен круг донела одлука дека за вториот круг нема да се дозволи гласање на лица кои во документот за идентификација имале адреса надвор од РМ, иако за првиот изборен круг имало приговори кои се однесувале на вакви случаи, но истите биле одбиени.

Слични се забелешките на МОСТ и ОБСЕ/ОДИХР за работата на Управниот суд каде исто така се забележува за неконзистентност и носење на спротивставени пресуди за исти неправилности.

Предвремени парламентарни и претседателски избори 2014

За овој изборен процес заштитата на избирачкото право била зајакната со тоа што спорната одредба од член 31, споменувана неколку пати погоре, конечно била избришана. Исто така, ДИК донела ново упатство за начинот на решавање по приговори со кое конечно се дефинирало дека основа за прифаќање на забелешката може да биде само забелешка во записникот од избирачкото место, внесена од страна на член на ИО или претставник на подносител на кандидатската листа.

Иако имало малку приговори за парламентарните избори, сепак МОСТ повторно забележал гласање по партиски линии.

Предвремени парламентарни избори 2016?

Со новиот изборен процес на повидок останува прашањето дали Македонија ќе одржи фер и регуларни избори? И покрај тоа што дел од препораките на двете водечки организации во набљудување на изборите се прифатени, сепак потребно е подобрување и појаснување на постапката за одлучување по приговори. ДИК исто така треба на политичките субјекти да им ги објасни правилата на одлучување и начинот на кој ќе се разгледуваат приговорите со цел обезбедување на поголема транспарентност и подобрување на процесот.

Прес-конференцијата произлегува од досегашното набљудување на предизборниот период во рамките на проектот „Патоказ кон слободни и фер избори“, односно претставува сублимат на сите досегашни реакции и заклучоци на МОСТ презентирани во јавноста.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

Со донесувањето на решението за распишување на предвремените парламентарни избори од страна на претседателот на Собранието законодавецот пропушти шанса да овозможи услови за побрзо и поефикасно прочистување на Избирачкиот список. Toa можеше да го направи преку донесување на измени на законите за живеалиште и престојувалиште, лична карта, општа управна постапка и управни спорови – измени предложени од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ на 1-ви април 2016 г.

Ја поздравуваме одлуката на ДИК да изврши проверка и на оние 124.072 избирачи за кои претходно одлучи да не бидат предмет на никакви проверки. Напомнуваме дека кусите временски рокови за спроведување на теренската проверка и процесите поврзани со неа негативно влијаат врз нејзиниот квалитет, а со тоа и врз целокупниот процес на прочистување на Избирачкиот список. И покрај огромните вложени напори на ДИК, ваквите фактори  оневозможуваат да се подготви квалитетен Избирачки список во кој сите ќе имаат доверба.

Дополнително, ги потсетуваме Владата, политичките партии и јавноста дека доколку изборите се одржат без да биде објавен Избирачкиот список во формата пропишана со член 31, став 2, точка 28-г од Изборниот законик и во која првично беше објавен, граѓаните воопшто нема да имаат доверба, ниту во Избирачкиот список, ниту пак во изборниот процес.

Сите овие предизвици сериозно го доведуваат во прашање прочистувањето на Избирачкиот список, кој е еден од условите за спроведување на кредибилни избори, како што беше истакнато и од страна на претставниците на меѓународната заедница.

Што се однесува пак до вториот од условите – одвојување на државата и партијата, МОСТ одржа прес-конференција на 6 април на која извести дека случаи на мешање на државата и партијата се забележани во 22 општини, што претставување повеќе од ¼ од вкупниот број на општини.

Собранието исто така не донесе измена и на Изборниот законик со која требаше да ги редефинира границите на изборните единици, имајќи предвид дека изборните единици 3, 4 и 6 веќе го надминуваат законското отстапување од најмногу минус 5% до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи по изборна единица, пропишано со член 4, став 7 од Изборниот законик. Ова отстапување може и да се промени по евентуалното бришење на одреден број на избирачи и спроведувањето на јавниот увид во Избирачкиот список. Со ова се доведува во прашање легалноста на изборите и изборните резултати кои подоцна може да бидат предизвикани врз основа на нееднаквата вредност на гласот во различните изборни единици.

Имајќи го предвид горенаведеното, Граѓанската асоцијација МОСТ ќе продолжи да ги набљудува политичките процеси за што навремено ќе ја информира јавноста.

Бесплатна телефонска линија за

пријавување на нерегуларности

080 080 080

Граѓанската асоцијација МОСТ ги презентираше наодите од набљудувањето на периодот пред распишувањето на изборите за два периоди: од 17 февруари до 3 април и од почетокот на набљудувањето на 1 декември 2015 г. па до 3 април.

Од 970 извештаи добиени од 80 набљудувачи во сите општини, за периодот од одржувањето на првата прес-конференција на 17 февруари па се до 3 април, може да се забележи дека за период од 1 и пол месец има многу повеќе регистрирани случаи на прекршувања, отколку за претходниот период од 2 и пол месеци, односно од почетокот на спроведувањето на проектот, 1 декември 2015, до одржувањето на првата прес-конференција на 17 февруари.

Во прилог:СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

Граѓанската асоцијација МОСТ со интерес го следи процесот на проверка на Избирачкиот список и имајќи ги предвид сите прашања и дилеми кои се појавија во јавноста и на денешната прес-конференција ги презентираше неопходните чекори за негово ефикасно прочистување.

Овој состав на ДИК произлезе од Договорот од Пржино и не е одговорен за моменталната состојба на Избирачкиот список. Состојбата е резултат на непостоење на функционален систем за неговото ажурирање, односно за начинот на водење на базите на податоци на институциите од кои тој се генерира.

Ги поздравуваме огромните напори на ДИК да ја спроведе теренската проверка во вака предизвикувачки краток период, но напоменуваме дека најважен е квалитетот на процесот, а не датумот кога истиот треба да заврши.

Врз база на резултатите од вкрстените проверки на податоците во Избирачкиот список, според одлуките на ДИК, во моментов паралелно се спроведуваат два процеси – административна проверка на неконзистентните записи во МВР и Управата за водење на матични книги, како и теренска проверка на втора група неконзистентни записи од страна на ДИК.

Целта на двете проверки е да добиеме прочистен избирачки список во којшто сите граѓани ќе имаат доверба. Во изминатиот период неколку пати изјавивме дека за да се прецизира и забрза постапката за бришење на евентуалните спорни гласачи во Избирачкиот список потребно ќе биде да се направат измени на неколку закони. Во продолжение ќе дадеме осврт на процесите на проверка на Избирачкиот список и на постоечките законски одредби, со цел подобро да ја информираме јавноста.

Во прилог: СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

Табела на која се претставени моменталните и предложените законски одредби за прецизирање и забрзување на постапките за бришење на гласачите од Избирачкиот список

Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за општата управна постапка

Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните

Предлог на Закон за дополнување на Законот за личната карта

Предлог на Закон за  изменување и дополнување на Законот за управните спорови

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

17.03.2016, Скопје

Новиот состав на Државната изборна комисија беше избран согласно измените на Изборниот законик донесени на 09.11.2015 г. кои произлегоа од Договорот од Пржино, а со овие измени воедно беа зголемени и нејзините надлежности. Дополнително, договорот исто така предвиде проверка на Избирачкиот список согласно нова методологија.

Согласно измените на Изборниот законик Избирачкиот список беше објавен на интернет со податоци за имињата, презимињата и адресите на избирачите. Со ова сакаме да и објасниме на јавноста дека одлуката за формата во која што беше објавен Избирачкиот список не е донесена од страна на ДИК, туку таа произлезе од новите одредби во Изборниот законик.

ДИК отиде и чекор понатаму и на граѓаните им овозможи на едноставен и ефикасен начин да ги пријавуваат сомнителните гласачи преку нејзината веб-страница – постапка која претходно не беше предвидена, но е за поздравување. Сепак, имајќи предвид дека Изборниот законик не прецизира дали може да се пријави лице кое не е дел од потесното семејство, ДИК требаше претходно да утврди процедура за пријавување на ваквите случаи. И покрај овие слабости, ваквата можност придонесе кон вклучување на граѓаните во проверката на Избирачкиот список, што може само да резултира со зголемување на довербата во неговите податоци. Оттаму, откако веќе ја овозможи, ДИК не смееше по само неколку дена да соопшти дека ќе ја тргне оваа опција од својата веб-страница и тоа да го направи во истиот ден. Ваквата постапка предизвика револт во јавноста и повторно ги врати сомнежите во врска со Избирачкиот список и неговото прочистување.

Планот за спроведување на вкрстените проверки на податоците во Избирачкиот список беше подготвен од експерти и донесен од ДИК, врз основа на Mетодологијата за водење и ажурирање на Избирачкиот список одобрена од четирите политички партии. Оттаму, ДИК мора да го објави првичниот извештај од вкрстените проверки онака како што тој е изработен и доставен од експертите, односно без никакви дополнителни интервенции, а неговото усвојување треба да се одвива на јавна седница. Дополнително, ДИК треба веднаш да ги објави критериумите, односно тест-прашањата за спроведувањето на дополнителните проверки кои го менуваат првично донесениот план, како и резултатите кои се очекуваат од нив.

Довербата во Избирачкиот список може да се врати исклучиво преку транспарентен и инклузивен процес. Затворените седници (т.н. работни состаноци) и нетраспарентноста во никој случај не придонесуваат граѓаните да имаат доверба во Избирачкиот список

На крај, повторно упатуваме апел до граѓаните да пријават било какви неправилности во Избирачкиот список на бесплатната телефонска линија 080 080 080 и со тоа да бидат активни учесници во неговото прочистување.

МОСТ со препораки за водење и ажурирање на Избирачкиот список

Согласно последната измена на Изборниот законик, Државната изборна комисија го објави Избирачкиот список на својата веб-страница со податоци за името, презимето и адресата на избирачите. Ја поздравуваме одлуката на ДИК на граѓаните да им овозможи да ги проверуваат своите податоци и податоците на своите сограѓани преку веб-страницата на ДИК. Воедно, апелираме до граѓаните да ги пријават сите сомнителни случаи и истите ДИК да ги провери на терен.

По објавувањето на Избирачкиот список на интернет со новата можност за пребарување и пријавување, граѓаните забележаа повеќе видови на недоследности во податоците коишто тој ги содржи. Дел од овие недоследности се резултат на долгогодишни системски проблеми, како и на начинот на водење на базите на податоци за граѓаните кои првенствено произлегуваат од МВР. Од тие причини, при проверката на податоците во Избирачкиот список, на граѓаните им препорачуваме да го проверуваат и старото и новото име на улицата, како и да ги проверат сите опции од куќниот број и броевите на влезовите и становите, односно броевите со и без нули пред нив (на пр. 1, 01, 001, 0001).

Доколку граѓаните сакаат да ги исправат забележаните недоследности во Избирачкиот список, на располагање им се неколку опции:

Ако нивната улица има ново име, а нивната адреса во Избирачкиот список го содржи старото име на улицата, или ако името на улицата е непроменето, но има промена во куќниот број, потребно е да извадат нова лична карта за да им се промени името на улицата или куќниот број. Увидовме дека дел од проблемите во Избирачкиот список произлегуваат и од чудната потреба за честа промена на имињата на улиците од страна на општините, што во некои случаи повлекува и промена на куќните броеви, при што нема воспоставен меѓуинституционален механизам на ажурирање на адресите на граѓаните. Поради тоа, апелираме оваа процедура да не биде на финансиски товар на граѓаните и тие да бидат поштедени од процедурата на вадење потврда од локалната самоуправа за променетото име на улицата.

Доколку податоците во личната карта не се идентични со податоците во Избирачкиот список, потребно е граѓаните да проверат како овие податоци се запишани во личната карта:

–     Ако податоците во личната карта се погрешно запишани, граѓаните треба да се обратат до МВР за да им се издаде нова лична карта со точни податоци, при што за ова МВР не би требало да наплаќа такса, имајќи предвид дека пропустот е направен од нивна страна.

–     Доколку пак, податоците во личната карта се точни, граѓаните треба да се обратат во подрачната канцеларија на ДИК и да побараат промена на истите во Избирачкиот список.

Што се однесува до сомневањата дали одредени граѓани живеат на одредена адреса, тие случаи може да се пријават во подрачните канцеларии или преку веб-страницата на ДИК. Сепак, треба да се има предвид дека оваа процедура не е целосно и јасно уредена со Изборниот законик, поточно не е прецизирано дали може да се бара бришење на лице кое не е дел од потесното семејство. Ваквата недореченост е уште една причина за ДИК да се издигне над партиските интереси и да изврши теренска проверка на сите пријавени случаи од страна на граѓаните!

Што се однесува пак до оние граѓани кои го промениле живеалиштето на територијата на РМ, но не ја пријавиле таа промена согласно закон, потребно ќе биде тие да го сторат тоа. Коректно би било овие граѓани да не бидат казнувани затоа што не го пријавиле своето живеалиште на време, со цел да не бидат обесхрабрени да го направат тоа во овој период.

Откако ДИК ќе ги заврши административната и теренската проверка и ќе ја констатира фактичката состојба, надлежните институции ќе треба да најдат соодветен начин како да ги избришат од Избирачкиот список оние лица за кои ќе се утврди дека незаконски пријавиле живеалиште и се стекнале со лична карта.

Исто така, неопходно ќе биде да се одлучи и како ќе се третираат оние случаи во кои има нереално голем број на граѓани на иста адреса, кои се стекнале со живеалиште и лична карта во согласност со законот и подзаконските процедури. За ваквите случаи, ДИК не смее да се ограничи само на административните документи, туку мора да изврши целосна теренска проверка на сите сомнителни случаи и да ја констатира фактичката состојба.

Со цел решавање на овие проблеми, потребно ќе биде да се донесат измени на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето, Законот за личната карта и, евентуално, Законот за општата управна постапка. Со овие измени би се допрецизирале условите за стекнување на живеалиште и, следствено на тоа, добивање на лична карта, а на МВР би му се овозможила и правна основа да ги поништува решенијата за доделување на живеалиште и издавање на лична карта доколку се утврдат прекршувања на овие постапки.

Измените на овие закони не треба да се носат избрзано, туку мора да се засноваат на сеопфатна анализа која ќе ги земе предвид резултатите како од административната, така и од теренската проверка, со цел да се изнајдат одржливи решенија кои ќе ги опфатат сите можни случаи.

Во однос на процедурата за водење и ажурирање на Избирачкиот список, иако тој е во надлежност на ДИК, сепак неговата точност зависи од податоците кои ги доставуваат надлежните институции, а во прв ред тоа е МВР. Оттаму, што и да направи ДИК во овој период, сепак нема да може да го прочисти списокот без соработка со другите надлежни институции за доставување на податоци за Избирачкиот список. Со други зборови, тоа што мораме да го констатираме е дека моменталната состојба е последица од немањето на функционален систем со прецизни процедури и алоцирани одговорности, што остава можност за злоупотреби. За да добиеме кредибилен избирачки список, сите институции инволвирани во процесот на неговото ажурирање мора да ги поддржат напорите на ДИК и заедно со оваа институција тимски да дизајнираат функционален, одржлив и ефикасен систем за ажурирање на Избирачкиот список. Со тоа, ќе може прецизно да се утврдат и одговорностите за евентуалните неточности во него. Во овој процес мора да се вклучат и граѓаните, бидејќи на крајот на денот најважна е довербата на граѓаните во Избирачкиот список и изборниот процес.

Долгорочно, потребно ќе биде да се утврди единствена и јасна процедура за тоа како институциите ги водат своите бази на податоци од кои потоа се генерира Избирачкиот список, со цел да се овозможи нивна систематичност и унифицираност. Друга алтернатива е МВР да го проверува живеалиштето во сите случаи кога граѓаните добиваат нова лична карта или патна исправа, односно и во случаите кога се работи само за замена на личниот документ, а нема промена во податоците за адресата.

На крај, МОСТ упатува апел до граѓаните да пријават било какви неправилности во Избирачкиот список, било какви притисоци и било каков поткуп на гласачи на бесплатната телефонска линија 080 080 080 и со тоа да бидат активни учесници во подобрувањето на изборниот процес. Само преку заеднички напор на институциите и граѓаните може да добиеме Избирачки список и изборен процес во кои сите ќе имаат доверба.

ПРЕПОРАКИ ЗА ВОДЕЊЕ И АЖУРИРАЊЕ НА ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК

Проектот „Патоказ кон слободни и фер избори“ е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија Националниот демократски институт и Националниот фонд за демократија.

Бесплатни телефонски линии

Граѓанска асоцијација МОСТ – 080 080 080

Прва детска амбасада „Меѓаши“ – 0800 1 2222

Народен правобранител – 0800 5 4321

(0 votes)

Граѓанската асоцијација МОСТ, во рамките на проектот „Патоказ кон слободни и фер избори“ ќе одржи

КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МЕДИУМИ

на 12.03.2016 (сабота),со почетокво 12:00 часот

вопросториите на ГА МОСТ

на која ќе ги презентира своите препораки за водење и ажурирање на Избирачкиот список.

Проектот е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија, Националниот Демократски Институт и Националниот Фонд за Демократија.

ДИК да го појасни правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во избирачкиот список, како и постапка за спроведување на теренска проверка заради ажурирање на истиот

Во текот на вчерашниот ден Државната изборна комисија (ДИК) ја објави новата интернет страница која нуди опција за проверка на подетални податоци во Избирачкиот список. На овој начин граѓаните за прв пат покрај можност за проверка со внесување на ЕМБГ, имаат можност да ги проверат и останатите податоци во ИС преку внесување на адреса на живеење, како и име и презиме.

По објавувањето на оваа нова можност за проверка на податоците се појавија индиции за (не)точноста на истите, но и голем број на нејасности на начинот на кој граѓаните можат за ги пријават овие нерегуларности.

Имено доколку при проверка во Избирачкиот список објавен на интернет сраницата на ДИК се утврди дека некој граѓанин не е запишан во Избирачкиот список или дека треба да се изврши запишување, дополнување или бришење на податоците кои ги содржи Избирачкиот список, согласно член 48 од Изборниот законик, став 2, секој граѓанин има право да поднесе барање до Подрачното одделение/канцеларија на Државната изборна комисија за запишување, дополнување или бришење на податоците со кое ќе приложи и соодветна документација.

Сепак иако е објавена информацијата за тоа дека секој граѓанин може да поднесе барање за промена на податоци во ИС, ја повикуваме ДИК паралелно да го прецизира „Правилникот за методологија за целосен пристап, вршење промени и бришење на податоци во избирачкиот список, како и постапка за спроведување на теренска проверка заради ажурирање на истиот“ за граѓаните да ја разберат процедурата и истата да ја спроведат ефикасно, брзо и едноставно. Имено, во овој Правилник недостасува упатство за начинот, како и неопходните документи кои граѓаните треба да ги поднесат при различни ситуации кои се појавуваат на ИС, а не се предвидени и опфатени со истиот.

МОСТ ја повикува ДИК да делува брзо, одговорно и транспарентно, имајќи ги предвид големиот број на нејаснотии кои ги увидоа граѓаните.

Граѓанската асоцијација МОСТ веќе 14 години укажува на неопходноста за прочистување на Избирачкиот список. МОСТ апелира до сите граѓани со право на глас да ги проверат податоците во ИС и доколку забележат било какви неправилности истите веднаш да ги пријават во подрачните единици на ДИК или пак на бесплатниот телефонски број на МОСТ 080 080 080 каде што ќе добијат соодветен совет.

Проектот „Патоказ кон слободни и фер избори“ е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија Националниот демократски институт и Националниот фонд за демократија.

Бесплатни телефонски линии

Граѓанска асоцијација МОСТ – 080 080 080

Народен правобранител – 0800 5 4321