Транспарентност и одговорност на Собранието

Вклучување на граѓаните во обезбедување транспарентност и одговорност на Собранието

Период на спроведување: Јули 2016 – Март 2018

Донатор: Британска амбасада во Скопје

Цел на проектот: Да се зголеми притисокот на јавноста за подобрување на работата на Собранието и засегнатите страни преку вклучување на граѓаните во информирана дебата за изборните реформи и улогата на Собранието.

Проектот ќе се фокусира на  2 приоритета: 

1. Придонес кон реформите на изборното законодавство – поддршка на спроведувањето на препораките за итните приоритети за реформи на изборното законодавство, наведени во Извештајот на Прибе, со цел да се зголеми транспарентноста и да се врати довербата на граѓаните во изборниот процес.

2. Набљудување на работата на Собранието –објавување на извештаи за работата и надлежностите на Собранието преку набљудување на: пленарните седници, работата на пратениците, седниците на собраниските комисии, учеството на граѓанските организации во процесот на донесување одлуки. Овие редовни извештаи ќе ја информираат јавноста, медиумите и граѓанските организации за работата на пратениците за кои тие го дале својот глас, и за начинот на кој Собранието ја извршува својата со улога регулирана со Уставот на РМ. Вклучувањето на сите засегнати страни и на претставници на релевантни домашни и странски институции ќе обезбеди општа вклученост во развивањето на препораките за подобрување на Индексот на продуктивност на Собранието на Република Македонија.

Главни активности:

1. Придонес кон реформите на изборното законодавство

• Набљудување на проверката на Избирачкиот список

• Учество во/ набљудување на работната група за прочистување на Избирачкиот список.

• Подготовка на студии со конкретни мерки и препораки

2. Набљудување на работата на Собранието

• Набљудување на работата на пратениците

• Набљудување на собраниските комисии

• Набљудување и оценка на квалитетот на донесените закони

• Објавување на Индексот на продуктивност на Собранието на Република Македонија

• Вклучување/ информирање на граѓаните

• Подготовка на студии со конкретни мерки и препораки

Ова е петтиот извештај подготвен во рамките на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“ и содржи податоци за работата Собранието во периодот 1 јануари – 31 март 2018 година.

Петти Извештај од Индексот на продуктивност на Собранието на РМ (01.01.2018-31.03.2018)

 

Ова е четвртиот извештај подготвен во рамките на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“ и содржи податоци за работата Собранието во периодот 1 октомври 2017 – 31 декември 2017 година.

Четврти Извештај од Индексот на продуктивност на Собранието на РМ (01.10.2017-31.12.2017)

Третиот извештај е подготвен во рамките на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“ и содржи податоци за работата Собранието во периодот 1 јуни 2017 – 30 септември 2017 година.

Трет Извештај од Индексот на продуктивност на Собранието на РМ (01.06.2017-30.09.2017)

Во рамките на проектот на „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ Граѓанската асоцијација МОСТ денес го објави вториот извештај од набљудувањето на работата на Собранието на РМ. Предмет на извештајот е конститутивната седница на Собранието, односно анализа на говорите на пратениците и анализа на начинот на кој претседавачот со конститутивната седница ја водел истата.

СООПШТЕНИЕ

Втор Извештај од Индексот на продуктивност на Собранието на РМ (30.12.2016 – 31.05.2017)

Овој извештај е подготвен во рамките на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“ и содржи податоци за работата на претходниот парламентарен состав, за различни периоди во текот на 2016 година.

Извештај од Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ

Во организација на Граѓанска асоцијација МОСТ денес се одржа конференција на тема „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“.

Целта на настанот беше да се дискутира за улогата и функционирањето на Собранието како највисок орган кој воедно ги донесува и законите. На конференцијата се разговараше за теми како транспарентноста и одговорноста на Собранието, работата на комисиите и механизмите за учество на засегнатите страни. На конференцијата беа презентирани и резултатите од извештајот за Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ, подготвен од страна на МОСТ во рамките на проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“, за работата на Собранието во 2016 година.

На настанот присуствуваа и говореа претседателот на Собранието на РМ, поранешни и сегашни пратеници во Собранието на РМ, претставници на меѓународната заедница, како и претставници на институции и граѓанскиот сектор.

Претседателот на Собранието на РМ, г. Талат Џафери, при отварањето на конференцијата истакна: „Враќањето во една нормална општествена состојба која подразбира почитување на принципите на парламентарната демократија, владеењето на правото и почитувањето на човековите права и слободи, како индивидуални, така и колективни, па сè до слободата на говорот, нема да се случи преку ноќ. Тоа е процес кој ќе трае подолг период.“ За крај, претседателот вети дека како претседател и Собранието како институција секогаш ќе биде отворено за иницијативите на граѓанското општество, предлози и сè друго што ќе биде во функција на јакнењето на парламентарната демократија и парламентаризмот во Република Македонија.

Универзитетската професорка, Беса Арифи посочи дека: „Учеството на граѓаните и граѓанските организации во донесувањето на законите е многу важно, а еден од механизмите за тоа се и граѓанските иницијативи за донесување на закони.“

Директорот на НДИ, Крис Хеншоу, истакна дека има повеќе предизвици за напредок, но исто така дека Собранието има огромна можност за да ја подобри својата работа.

Сите учесници ја посочија заедничката желба новиот парламентарен состав да ја врати парламентарната демократија во Македонија, и дека Собранието д стане поодговорно и потранспарентно, како и поотворено кон јавноста и засегнатите страни.

Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“, кој Граѓанската асоцијација МОСТ го имплементира од јули 2016 до март 2018, а е поддржан од страна на Британската амбасада Скопје.

Во рамките на проектот ќе се подготвуваат периодични извештаи кои ќе претставуваат сублимат на резултатите од мониторингот на Собранието и ќе ја информираат јавноста, медиумите и граѓанските организации за работата на пратениците, како и за начинот на кој Собранието ја извршува својата улога регулирана со Уставот.

Извештаите се објавуваат на веб-страницата http://otvorenosobranie.mk која содржи и дополнителни информации и податоци за работата на Собранието.

Граѓанската асоцијација МОСТ во рамките на проектот на „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ денес го презентираше првиот извештај од мониторингот на работата на Собранието на РМ. Извештајот содржи анализа на донесените закони, односно фреквенцијата на донесување и измена на законите за периодот од 1 јануари 2016 г. до распуштањето на Собранието на 17 октомври 2016 година, податоци за работата на собраниските комисии во периодот од 1 јули 2016 г. до распуштањето на Собранието на 17 октомври 2016 г., како и податоци за придонесот на пратениците во работата на Собранието.

На конференцијата, покрај Извршниот директор на МОСТ, г. Дарко Алексов говореше и Британскиот Амбасадор во Македонија, г. Чарлс Гарет, при што го истакна следното:

„Се надеваме преку оваа програма Парламентот ќе го зајакне својот однос со граѓаните, со граѓанскиот сектор, со бизнисот, за доброто на сите. Задоволство ни е што можеме на овој начин да ја поддржиме демократијата.

Парламентот е јадрото на демократијата на Македонија. Сегашните случувања во Парламентот на Македонија прават противуслуга за развојот на демократијата. Тие го поткопуваат кредибилитетот на институцијата, во Македонија и надвор.

Британија е долгогодишен поддржувач на Македонија. Низ изминатите две децении партнерство работевме со Македонија да ја зајкнеме демократијата, а Парламентот ни бил од голем интерес.

Нашето партнерство со Македонија ќе продолжи. Целосно функционален, транспарентен и одговорен Парламент е срцевината на демократијата.“

Од анализата на обработените податоци добиени се следните наоди за работата на Собранието, комисиите и пратениците:

 

 Анализа на законодавните постапки и фреквенцијата на изменување на законите

• Во 2016 г. Собранието спровело вкупно 365 постапки за донесување на закони. Биле донесени 13 нови закони, 326 измени и дополнувања на постоечки закони и 26 ратификации;

• Владата е предлагач на дури 93% од донесените закони;

• 70% од законите се донесени по скратена постапка;

• Скоро половина од законите или 156 (46%) се донесени во февруари, а 71 (21%) во март;

• Во еден ден, 23 февруари 2016, донесени се 40 закони по скратена и 1 закон по итна постапка;

• 91 законодавна постапка или 27% од вкупниот број се измени на закони кои веќе биле донесени или изменети во 2016 г.;

• Од 54 предвидени закони за хармонизација со правото на ЕУ донесени биле само 5.

 

Анализа на работата на комисиите

• Во периодот 1 јули – 17 октомври седници одржале 16 од 21 комисија. Работата на комисите беше анализирана преку три сегменти: транспарентност, квалитет на записници и вклученост на засегнати страни;

• Транспарентност:

 од 15 комисии кои се индексирани во категоријата транспарентност, само 8 имаат добиено од 50 до 65 индексни поени од можни 100.

 записниците од седниците на комисиите не се објавени на веб-страницата на Собранието;

 и покрај тоа што се одржани 2 јавни расправи по предлог-закон и 1 надзорна расправа, за истите не се објавени записници, извештаи и заклучоци. Објавени се само стенографски белешки. Без јавни извештаи и заклучоци од овие настани, организацијата на истите губи смисла;

 транспарентноста на работата на комисиите е на ниско ниво.

• Квалитет на записници:

 од 12 комисии кои се индексирани во категоријата квалитет на записници, само 2 имаат добиено над 50 индексни поени од можни 100;

 ниту една комисија не ги исполнила во целост пропишаните деловнички одредби за водење на записник од седниците;

 неунифицираниот начин на водење и недоволниот квалитет на записниците, како и на објавените извештаи не овозможуваат целосен увид во работата на комисиите.

• Вклученост на засегнати страни:

 во периодот на мониторинг одржани се 2 јавни расправи по предлог-закон и 2 тематски јавни расправи;

 одржана е 1 надзорна расправа, но истата не е завршена поради распуштањето на Собранието;

 не е спроведена ниту една јавна дискусија и на ниту една седница не биле присутни експерти заради изнесување на мислења по предлог-закон што се разгледувал на седница;

 Во 2016 г. одржани се вкупно 12 јавни расправи по предлог-закон и 3 тематски јавни расправи.

 покрај присуството на пратеници кои не се членови на комисиите, на седниците претежно доминираат претставници на извршната власт. Недостасува суштинска и посветена заложба за вклученост на другите засегнати страни во дебатата при креирањето на законските решенија, како што се академијата, експертите, практичарите и граѓанското општество.

 

Анализа на работата на пратениците

• Вкупно 48 закони биле предложени од вкупно 61 пратеник;

• Донесени биле 25 закони по предлог од вкупно 48 пратеници;

• Неприфатливи биле 17 закони од вкупно 36 пратеници;

• Не бил донесен 1 закон предложен од 16 пратеници;

• Повлечени биле 5 закони предложени од 40 пратеници;

• Фактот што само 7% од вкупниот број донесени закони се предложени од пратеници, и тоа исклучиво од владејачкото мнозинство (освен законите донесени како резултат на Договорот од Пржино), укажува дека Собранието било подредено на извршната власт, односно Владата индиректно ја вршела и законодавната функција.

Проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“ ќе се спроведува до март 2018 година и предвидува објавување на периодични извештаи за Индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието. Овие редовни извештаи ќе ја информираат јавноста, медиумите и граѓанските организации за работата на пратениците, и за начинот на кој Собранието ја извршува својата улога регулирана со Уставот на РМ.

Подготовката на oвој материјал беше овозможена со поддршка од Британска амбасада Скопје, во рамките на проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“. Мислењата и ставовите наведени во овој материјал не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската амбасада.