ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ 2020
СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ
10.07.2020, Скопје
МОСТ ќе ги следи изборите со близу 900 набљудувачи
Граѓанската асоцијација МОСТ ќе ги следи предвремените парламентарни избори со близу 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, ќе бидат распоредени исто толку набљудувачи, со што ќе бидат покриени 20% од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава.
Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе ја следат постапката на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ ќе распореди и 55 мобилни тимови, составени од по 2 набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат гласачките места на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Како и на претходните изборни процеси, Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување.
Жолтите маички со кратки ракави, на кои на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2020“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи маица, овластување и акредитација исклучиво за овие избори.
Во текот на изборниот ден, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
МОСТ ќе ги соопшти сите потврдени информации од набљудувањето на гласањето на денот на изборите на четири прес-конференции, кои ќе се одржат во 9, 11, 15, и 19 часот. По завршувањето на гласањето ќе биде закажана дополнителна прес-конференција на која ќе биде објавена проекцијата на резултатите добиена од програмата за паралелно пребројување на гласовите (ПВТ).
За крај, живееме во време на голем предизвик, а тоа е корона-вирусот. Почитувањето на мерките е неопходност со која мора да функционираме и ќе функционираме и во иднина. Затоа, МОСТ упатува апел, граѓаните да одвојат неколку минути од своето време и со доследно почитување на мерките, да се упатат на избирачките места и да ја исполнат својата граѓанска должност. Исполнувањето на оваа должност во вакво време треба да биде приоритет за секој од нас, имајќи предвид дека институциите ги преземаат сите неопходни мерки за гласањето да се спроведе на безбеден начин.
# # # # #
Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2020“ е поддржан од: Британска амбасада Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.
За дополнителни информации: Граѓанска асоцијација МОСТ, тел. 02/30 99 384