ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ 2020
СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ – 09:00 часот
15.07.2020, Скопје
Избирачките места се отворени и гласањето се одвива безбедно, согласно здраствените протоколи
Граѓанската асоцијација МОСТ го следи денешното гласање со 900 набљудувачи. На 696 гласачки места, избрани според случаен и репрезентативен примерок, распоредени се исто толку набљудувачи, со што се покриени 20% од вкупниот број на гласачки места на територијата на целата држава, како и 20% од гласачките места во рамките на секоја изборна единица.
Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, МОСТ има распоредено и 55 мобилни тимови, составени од по двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат местата на кои МОСТ нема распоредено статични набљудувачи. Дополнително, 80 набљудувачи ќе ја набљудуваат работата на општинските изборни комисии, а ќе се набљудува и работата на Државната изборна комисија.
Како и на претходните изборни процеси, Граѓанската асоцијација МОСТ го спроведува проектот согласно Декларацијата за универзални принципи за непартиско набљудување на изборите од страна на граѓански организации, како и останатите меѓународно признати стандарди за домашно набљудување на изборите.
Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори, сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи се отворени навреме и досега не се забележани неправилности во спроведувањето на постапката на гласање. Гласањето се одвива безбедно, согласно здраствените протоколи.
Во текот на денот, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните може да пријавуваат евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес.
Потенцираме дека набљудувач на МОСТ е единствено оној граѓанин кој носи жолта маичка на која на предната лева страна стои логото на МОСТ и е испишано “Monitoring 2020“, поседува акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво за овие избори.
Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста во уште три наврати, и тоа: во 11:00, во 15:00 и во 19:00 часот, а терминот на последната прес-конференција на која ќе бидат соопштени резултатите од ПВТ програмата за одѕивот и распределбата на гласовите дополнително ќе биде објавен.
# # # # #
Проектот „Домашно набљудување на предвремените парламентарни избори 2020“ е поддржан од: Британска амбасада Скопје, Амбасадата на Кралството Холандија и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Ставовите во ова соопштение се одговорност на МОСТ и не ги одразуваат секогаш ставовите на поддржувачите на проектот.
За дополнителни информации: Граѓанска асоцијација МОСТ тел. 02/ 30 99 384