Локални избори 2013

Име на проектот:Домашно набљудување на Локалните избори 2013

Време на спроведување на проектот:15јануари – 1 јуни 2013

Цел на проектот:Придонес кон транспарентен изборен процес, преку непартиско набљудување на сите сегменти на изборниот процес.

Специфични цели на проектот:

–      Да обезбеди учество на граѓаните во процесот на непартиско набљудување на изборите;

–      Да осигура почитување на правото и законите при спроведување на гласањето на избирачките места;

–      Да се подигне свеста кај граѓаните за нивните права и обврски за проверка на податоците во Избирачкиот список.

Проектни активности:

  • Собирање и процесирање на податоците од проверката на граѓаните во Избирачкиот список во подрачните единици на Државната Изборна Комисија (во периодот додека Единствениот избирачки список е на јавен увид 2јануари до 9 февруари);
  • Регрутирање и обука на волонтери за домашни набљудувачи на изборите;
  • Набљудување на предизборниот период (следење на работата на ОИК, активностите на политичките партии и сите активности на засегнатите страни во изборниот процес);
  • Набљудување на изборната кампања (следење на почитувањето на Кодексот за слободни и фер избори доколку истиот биде промовиран);
  • Набљудување на предвременото гласање на внатрешно раселените лица, болни и изнемоштени лица и лицата во затвор или притвор;
  • Набљудување на денот на гласање (со обични набљудувачи, мобилни тимови, ПВТ набљудувачи и набљудувачи во ОИК и ДИК);
  • Набљудување на постизборниот период;
  • Анализирање на извештаите и информирање на јавноста.

Граѓанската Асоцијација МОСТ ви го презентира Финалниот извештај од набљудувањето на Локалните избори 2013.

ПРЕЛИМИНАРНА ИЗЈАВА

22.04.2013, Скопје

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше гласањето на 21-ви април со 130 набљудувачи кои беа распоредени на 29-те гласачки места во општина Центар, 9-те гласачки места во општина Струга, како и едното гласачко место во општина Ѓорче Петров. Набљудувачи на МОСТ, исто така го следеа и вториот круг на гласање на 20 гласачки места од вкупно 39 гласачки места во општина Долнени. Предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии во општините каде се спроведуваше гласање.

Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и мобилни тимови, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ги набљудуваа избирачките места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 6 регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека гласањето на 21-ви април беше спроведено ефикасно, но во одредени избирачки места и надвор од нив, во тензична атмосфера која не придонесува кон градење на демократска култура и позитивен имиџ за изборниот процес во Република Македонија.

Како и во претходниот изборен круг, на одредени избирачки места во општина Центар се појавиле лица за кои имало сомневање дали живеат во општината. Сепак, фактот што Избирачкиот список повторно предизвика проблеми, а со тоа и недоверба во целокупниот изборен процес, укажува на потребата од итна интервенција која ќе придонесе кон отстранување на сите аномалии во Избирачкиот список, како и утврдување на одговорноста за евентуалните пропусти при ажурирањето на истиот. Институциите надлежни за ажурирање на Избирачкиот список се: Министерството за внатрешни работи, основните судови (во делот на обезбедување податоци за деловно неспособни лица и лица во куќен притвор), Државниот завод за статистика, а Државната изборна комисија е формално надлежна за неговото водење.

Во текот на денот во општина Центар беа забележани случаи на обиди за манипулација на граѓаните за денот на одржување на изборите, обиди за демотивирање и обесхрабрување на граѓаните да излезат и да гласаат преку саботажи и методи кои воопшто не придонесуваат кон градење на демократска култура и позитивен имиџ за изборниот процес во Република Македонија.

Што се однесува до останатите општини во кои се спроведуваше гласање, во општина Долнени е забележано семејно гласање, додека пак на избирачките места во Струга и Ѓорче Петров гласањето генерално се одвиваше без нерегуларности.

Во однос на одлучувањето по приговорите за вториот изборен круг, овој пат Државната изборна комисија го поправи впечатокот од првиот изборен круг и беше конзистентна во одлучувањето по истите. Но, истото не може се каже и за Управниот суд. Имено, Управниот суд одлучи да преиначи дел од одлуките на Државната изборна комисија. Неконзистентноста во начинот на постапување по тужбите за првиот и вториот изборен круг е нешто што придонесува кон намалување на довербата во оваа институција, како крајна инстанца во процесот на заштита на избирачкото  право.

Наодите од двата изборни круга и прегласувањето ќе и бидат претставени на јавноста во Финалниот извештај за спроведувањето на изборите на Граѓанската асоцијација МОСТ.

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

Проектот “Домашно набљудување на локалните избори 2013” сe спроведува од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 18:00 часот

21.04.2013, Скопје

 

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите на МОСТ, во општина Центар, продолжува трендот на реакции на партиски набљудувачи поради појавата на лица за кои постои сомневање дека живеат во општина Центар, а имаат важечки биометриски документи и се запишани во Избирачкиот список. Оваа појава е забележана

на дел од избирачките места во: ОУ Коле Неделковски, ДСУ за рехабилитација и образование Св. Наум Охридски, ОУ Јохан Хајнрих Песталоци, Фудбалски Сојуз на Македонија на ул. 8ма ударна бригада како и Дом на Градежници, каде исто така е забележано е зголемено присуство на полицијата, гужва и тензична атмосфера во и пред избирачките места.

На ИМ 2855 во Дом на градежници, општина Центар,  претставници на медиумите кои биле застанати позади ИО, при евиденција на тројца гласачи ги снимале нивните лични документи. И покрај тоа што еден од членовите на ИО реагирал, претседателот на ИО не ги спречил бидејќи новинарите имале соодветна легитимација. Исто така двајца членови на ИО од соседното ИМ 2856, дошле до ИМ 2855 и со нивните мобилни телефони го снимиле настанот.

Во општина Долнени забележани се случаи на семејно гласање, и тоа:

–      На ИМ 1472, забележани се 12 случаи,

–      На ИМ 1473, забележани се 10 случаи,

–      На ИМ 1476, забележани се 15 случаи.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 15:00 часот

21.04.2013, Скопје

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега забележани се следните неправилности на гласачките места:

–      Гласачко место 2849 во општина Центар, фоторепортер побарал да слика во избирачкото место. Избирачкиот одбор му дозволил, но му напоменал дека не смее да ги слика гласачите. Кога тргнал да си замине, ИО побарал да ги погледне сликите бидејќи се сомневале дека има слики од гласачите, по што фоторепортер се противел. Реагирала и полицијата, по што настанот бил заведен во дневникот за евиденција на настани.

–      Гласачко место 2802 во општина Центар, позади параванот за гласање забележана е испишана парола против одредена политичка партија. По реакција на еден од гласачите, ИО го покрил натписот со хартија по што гласањето продолжило.

–      Гласачко место 1210 во општина Долнени, на гласач кој немал траги од невидливото мастило веќе му било заокружено и потпишано името во Избирачкиот список. ИО направил записник за случајот и дозволил на гласачот да гласа.

 

На бесплатниот телефонски број 080 080 080 граѓаните најчесто јавуваа за да пријават расфрлан пропаганден материјал, неможност да гласаат поради не функционирање на лифтовите во зградите во Капиштец, општина Центар, дупнати гуми на автомобилите, како и неможност на оние гласачи кои гласале како болни и немоќни во изминатите два круга да гласаат на истиот начин и овој пат.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 10:00 часот

21.04.2013, Скопје

Граѓанската асоцијација МОСТ со околу 130 набљудувачи ќе го набљудува гласањето на 21 април. Набљудувачите на МОСТ ќе го следат прегласувањето на 29те гласачки места во општина Центар, 9те гласачки места во општина Струга, како и едното гласачко место во општина Ѓорче Петров. Набљудувачи на МОСТ, исто така ќе го следат и вториот круг на гласање на 20 гласачки места од вкупно 39 гласачки места во општина Долнени. Покрај овие набљудувачи, МОСТ ќе има распоредено и мобилни тимови, кои ќе служат како логистичка поддршка на статичните.

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи.

Досега, забележан е прекин на гласањето од 20 мин на гласачко место 1490 во општина Долнени. Имено, болно и изнемоштено лице дошло да гласа со придружба по што реагирал партиски набљудувач и не дозволувал лицето да гласа на тој начин. Иако, избирачкиот одбор рекол дека се е во ред набљудувачот продолжил да се расправа со нив по што била повикана полиција. По прекинот од 20 мин гласањето продолжило.

Исто така, во општина Центар забележан е расфрлан пропаганден материјал со дезинформации за денот на одржувањето на изборите.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

20.04.2013, Скопје

 

НАБЉУДУВАЧИ НА МОСТ ЌЕ ГО СЛЕДАТ ГЛАСАЊЕТО ВО ЧЕТИРИТЕ ОПШТИНИ

Граѓанската асоцијација МОСТ со околу 130 набљудувачи ќе го набљудува гласањето на 21 април. Набљудувачите на МОСТ ќе го следат прегласувањето на 29те гласачки места во општина Центар, 9те гласачки места во општина Струга, како и едното гласачко место во општина Ѓорче Петров. Набљудувачи на МОСТ, исто така ќе го следат и вториот круг на гласање на 20 гласачки места од вкупно 39 гласачки места во општина Долнени. Покрај овие набљудувачи, МОСТ ќе има распоредено и мобилни тимови, кои ќе служат како логистичка поддршка на статичните. Работата на општинските изборни комисии исто така ќе биде предмет на набљудување од страна на набљудувачите на МОСТ

МОСТ покрај гласањето во недела, го набљудува и денешното предвремено гласање во четирите општини.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат препознатливи по жолтите маици и задолжително ќе поседуваат акредитација издадена од ДИК и овластување од МОСТ. Во текот на денот, наодите од набљудувањето ќе можат да се прочитаат на интернет страната www.most.org.mk.

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

ПРЕЛИМИНАРНА ИЗЈАВА ЗА ВТОРИОТ ИЗБОРЕН КРУГ
08.04.2013, Скопје

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше вториот круг од гласањето на локалните избори со 2.080 набљудувачи, со што беа опфатени околу 55-60% во секоја од општините во кои се спроведуваше гласање на 7 април. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лица во домашен притвор беа ангажирани 63 набљудувачи при што беше следена работата на 117 ИО и гласањето на 1.020 лица. За гласањето на избирачите во казнено-поправните установи беа ангажирани 9 набљудувачи. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии.

Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 43 мобилни тимови, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ги набљудуваа избирачките места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 27 регионални координатори, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека гласањето на 7-ми април беше спроведено во генерално мирна атмосфера со незначително намален број на нерегуларности, но во околности во кои се покрена прашањето околу квалитетот на Избирачкиот список и довербата во истиот.

Најчести нерегуларности за кои известуваа нашите набљудувачи се: семејно гласање, некористење на УВ ламбата и спрејот, фотографирање на гласачките ливчиња, како и непочитување и злоупотреба на процедурата за гласање на лица кои не можат да гласаат сами. Обврска на избирачките одбори е да ги спречат ваквите нерегуларности.

На одредени избирачки места во општина Кочани беа забележани проблеми со изводите од Избирачкиот список, односно недостасуваа една или неколку страници од Избирачкиот список. Овие ситуации беа надминати со соодветна реакција од страна на ОИК Кочани.

И на овие избори повторно бевме сведоци на одредени ситуации кои оставаат простор за недоверба во податоците во Избирачкиот список.

Имено, на одредени избирачки места во општина Центар се појавиле лица за кои имало сомневање дали живеат во општина Центар и избирачките одбори имале дилема дали да им дозволат да гласаат. Во периодот пред првиот изборен круг една од политичките партии побара од ДИК да провери врз која основа 13.869 избирачи се запишани во Избирачкиот список. ДИК ова барање го проследи до МВР со оглед на тоа што МВР е надлежен орган за издавање на лични документи. До денес, оваа институција не се изјасни по ова барање.

ДИК донесе заклучок за вториот круг да не дозволи гласање на лица со патни исправи во кои не е наведена адреса на живеење во РМ. Сепак, со оглед на тоа што според Изборниот законик во Избирачкиот список се запишуваат сите граѓани кои имаат живеалиште на територијата на Република Македонија, овој акт претставува само појаснување на законските одредби.

Во однос на предвременото гласање, иако и Државната изборна комисија и МОСТ апелираа за внимателно постапување при одобрувањето на барањата за овој вид гласање, сепак повторно бележиме зголемување на бројот на пријавени лица. Имено, доколку се анализираат само општините во кои се спроведе втор изборен круг, вклучувајќи ги и сите општини во градот Скопје, може да се забележи дека во првиот изборен круг во овие општини биле пријавени 4.841 лице, додека пак за вториот круг се пријавиле 6.211 лица, што претставува зголемување на бројот на пријавени лица за овој вид гласање за 28,3%.

Ако во првиот изборен круг позитивен пример беше само ОИК Теарце, овој пат тоа е и ОИК Тетово. Имено, при одлучувањето дали ќе ги одобри барањата за предвремено гласање, ОИК Тетово ангажирала медицинско лице кое ја проверило медицинската документација. По извршената проверка, од поднесени приближно 324 барања, биле прифатени само 81. Ова е позитивен пример и добра практика која што во иднина треба да ја следат сите општински изборни комисии.

При спроведувањето на овој вид гласање нашите набљудувачи забележале некористење на УВ ламбата и спрејот, случаи на лица кои не можеле да се пронајдат во Избирачкиот список и непочитување на тајноста на гласот. Исто така, дел од ИО не го носеле со себе комплетниот изборен материјал предвиден за овој вид гласање.

Како позитивна се оценува одлуката на ДИК да ја разреши ОИК Чаир и ИО во 13-те ИМ во кои беа поништени првичните официјални резултати за избор на градоначалник на општина Чаир во првиот изборен круг. Се надеваме дека оваа одлука ќе делува превентивно и дека во иднина изборните органи во својата работа ќе се придржуваат кон законските одредби. Сепак, останува да се види дали јавното обвинителство ќе поведе постапка за овој случај.

Изборната кампања за вториот круг се карактеризираше со пониско ниво на теренска активност од страна на политичките субјекти, претежно преку одржување на помали митинзи и кампања од врата до врата. Од друга страна, кампањата беше поприсутна и поагресивна во медиумите. Кампањата се одвиваше со понизок интензитет во првата недела, со оглед на тоа што во тек беше процесот на одлучување по приговорите и тужбите за првиот изборен круг. Активностите беа интензивирани во последните денови пред започнување на изборниот молк. Во текот на кампањата за вториот изборен круг беа забележани низа партиски настапи и поддршки за актуелните кандидати од страна на оние кандидати кои што не успеаја да влезат во вториот изборен круг. Исто така, ваква поддршка даваа и кандидати кои победија во првиот изборен круг, а продолжи и поддршката на кандидатите од страна на централната власт. Беа регистрирани случаи во кои дел од актуелните градоначалници изведуваа инфраструктурни зафати во текот на овој период. Потенцираме дека доколку ваквите зафати не се дел од планираните активности со буџетот на општината претставуваат прекршување на изборните правила и злоупотреба на државните и јавните ресурси.

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ.

############

Проектот “Домашно набљудување на локалните избори 2013” сe спроведува од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 21:15часот

07.04.2013, Скопје

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега е забележани се следните неправилности на гласачките места:

 

–      Гласачко место 0845 општина Кочани, регистрирани се 109 случаи во кои гласачите се претставувале како неписмени и доаѓале да гласаат со помош. Истите лица кои се претставувале како неписмени подоцна помагале на други неписмени лица при гласањето.

–      Гласачко место 1087 општина Куманово, гласањето било прекинато 20 мин поради тоа што еден гласач го сликал ливчето. По интервенција на ИО, гласачкото ливче е скинато и тргнато на страна како неважечко.

–      Гласачко место 1957 општина Тетово, забележани се 26 случаи на некористење на УВ ламба.

–      Гласачко место 2950 општина Бутел, гласачот дошол да гласа и во ИС каде што бил запишан веќе бил потпишан некој друг. ИО му дозволил на гласачот да гласа и да се потпише од страна до неговото име. Ова било внесено во записникот на ИО.

–      Гласачко место 0054 општина Битола, прекин од 1 час и 45 мин поради скршен печат. Печатот не бил поправен. Одлучено е наместо печат, претседателот на ИО да се потпишува на гласачките ливчиња по што продолжило гласањето. За ова известена е ОИК.

–      Гласачко место 0406 општина Гостивар, имало прекин од 20 мин затоа што на гласач кој немал траги од невидливиот спреј не му било дозволено да гласа поради тоа што на ИС покрај неговото име веќе имало потпис.

–      Гласачко место 2959 општина Шуто Оризари, гласачот кажал дека нема документ за идентификација по што ИО му дозволил да гласа со изговор дека му бил комшија на еден од членовите на ИО и го познавале.

–      Гласачко место 1968 општина Тетово, се скршил печатот и по инструкција на ДИК претседателот на ИО со рака ги потпишувал гласачките ливчиња со бројот на ИМ.

–      Гласачки места 1929, 1930 и 1931 општина Тетово, забележани се по 20 случаи на семејно гласање и по 20 случаи на некористење на УВ ламба.

–      Во општина Гостивар забележани се случаи на семејно гласање на следните гласачките места:

  • 0390 забележани се 12 случаи;
  • 0412 забележани се 11 случаи;
  • 0426 забележани се 13 случаи
  • 0518 забележани се 12 случаи
  • 0519 забележани се 19 случаи
  • 0504 забележани се 19 случаи
  • 0511 забележани се 14 случаи

 

Во општина Центар, на дел од избирачките места во: ОУ Коле Неделковски, ОУ Димитар Миладинов, ДСУ за рехабилитација и образование Св. Наум Охридски, ОУ Јохан Хајнрих Песталоци, Фудбалски Сојуз на Македонија на ул. 8ма ударна бригада како и Дом на Градежници, по 17.30 нашите набљудувачи забележале гужва, тензична атмосфера, зголемено присуство на медиумите и полицијата. Според нашите набљудувачи причината за ваквата појава бил зголемениот број на гласачи и интервенциите на партиските набљудувачи кои реагирале дека овие гласачи не живеат во општина Центар како и дилемите на членовите на ИО за тоа дали да им се дозволи на овие гласачи да го остварат гласачкото право.

 

На бесплатниот телефонски број 080 080 080 граѓаните најчесто се обраќаа за тоа како да дознаат на кое гласачко место гласаат, да пријават читање на глас на имињата на гласачите на гласачите места, да се пожалат дека ги нема во ИС и да пријават расфрлан пропаганден материјал.

 

Граѓанската асоцијација МОСТ прелиминарната оценка за изборите ќе ја даде утре на прес конференција која ќе се одржи во 14:00 часот.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 17:15 часот
07.04.2013, Скопје

press_1715_07.04.2013

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега е забележани се следните неправилности на гласачките места:

  • Гласачко место 2909 општина Бутел членови на ИО во 4 случаи помагале на слепи и неписмени лица, додека пак во гласачко место 2966 општина Шуто Оризари членови на ИО помогнале на слепи и неписмени лица во 6 случаи.
  • Гласачко место 1905 општина Струга, забележани се 13 случаи на семејно гласање, 8 случаи на непочитување на процедурата за гласање на слепи и неписмени лица, како и 3 случаи на јавно гласање.
  • Гласачко место 1907 општина Струга, забележани се 9 случаи на семејно гласање и 7 случаи на јавно гласање.
  • Гласачко место 0438 општина Врапчиште на еден гласач му е дозволено да гласа иако го немало во Избирачкиот список. Неговата изјава била дека таму гласал во првиот круг, па ИО се договорил да му дозволи да гласа. На ова место исто така се забележани и 11 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 0838 општина Кочани, забележано е сликање на гласачкото ливче и направена е забелешка во записникот на ИО.
  • Гласачко место 0412 општина Гостивар, се читаат на глас имињата на гласачите.
  • Гласачко место 1917 Велешта општина Струга, од 14 часот па досега забележани се 14 нови случаи на семејно гласање и 8 случаи на јавно гласање.
  • Гласачко место 2154 општина Велес, на 10 лица не им е проверен десниот палец со УВ ламба.
  • Гласачко место 0427 општина Гостивар, забележани се 10 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 0843 општина Кочани, пронајдено е заокружено гласачко ливче позади параванот со печат од соодветното ГМ. Ливчето е ставено на страна, а ИО ќе одлучи за тоа дали ќе се третира како неважечко по завршување на гласањето.
  • Гласачко место 2948 општина Бутел, членовите на ИО забележале дека од кочанот за градоначалник на општината има едно ливче помалку од оној кочан за градоначалник на град Скопје. Гласањето било прекинато 15 мин, по што е направен записник и е решено за ова да се одлучува по завршување на гласањето.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 13:15 часот
07.04.2013, Скопје

press_1315_07.04.2013

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега е забележани се следните неправилности на гласачките места:

  • Гласачко место 0845 во општина Кочани, гласањето било прекинато од 8:20 до 10:20 часот поради тоа што во Избирачкиот список недостасувале 5 листа. Гласањето продолжило откако ОИК донел нов извадок на Избирачкиот список. Гласањето на ова место по 19 часот ќе биде продолжено за два часа.
  • Гласачко место 1734 во општина Струмица, имало прекин на гласањето од околу 1 час поради тоа што гласач при обидот да го пушти ливчето во кутијата, го искршил капакот на истата. Била повикана ОИК и полиција, по увидот капакот бил сменет и било решено гласањето по 19 часот да продолжи за 1 час. Пред истото гласачко место региструрани се неколку истрели во воздух.
  • Гласачко место 1917 во Велешта општина Струга, забележани се 32 случаи на семејно гласање. Во гласачкото место е забележано и присуство на неовластени лица, 4 случаи на јавно гласање, како и 3 наврати во кои едно исто лице гласало во име на 9 други.
  • Гласачко место 0406 општина Гостивар, имало прекин од 40 мин. Поради тоа што позади параванот било најдено гласачко ливче. Повикана е ОИК и по нивно доаѓање на гласачкото место е разрешен претседателот на ИО. ОИК дала инструкција по завршување на гласањето да се одлучи дали гласачкото ливче ќе биде важечко или не.
  • Гласачки места 0071 и 0072 општина Битола како и 0518 и 0519 општина Гостивар, членовите ИО не ги носат потребните беџови,
  • Гласачко место 1730 општина Струмица како и 0372 и 0373 општина Богданци, на глас се читаат имињата на гласачите.
  • Гласачко место 0510 општина Гостивар, забележани се 22 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 0434 општина Гостивар, забележани се 20 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 0506 општина Гостивар, забележани се 11 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 2573 општина Ѓорче Петров, гласач го сликал ливчето со телефон по што реагирал ИО и ливчињата се прогласени за неважечки.
  • Гласачко место 1949 општина Тетово, забележани се 18 случаи на некористење на УВ ламба, 34 случаи на некористење на невидливото мастило како и 24 случаи на семејно гласање

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 09:15часот

07.04.2013, Скопје

Граѓанската асоцијација МОСТ го набљудува денешното гласање со 2080 набљудувачи, број со кој ќе се покријат од 50 до 60 проценти од гласачките места во рамките на секоја од оние општини во кои денес има гласање.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, има и мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено местата на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи. Досега, забележано е:

–      Гласачко место 2164 во општина Велес, гласач фотографирал гласачко ливче и по реакцијата на ИО гласачот си заминал, но неговата лична карта била задржана од страна на ИО. Повикана е ОИК и полицијата, поради што имало прекин на гласањето од 40 мин. По нивната интервенција гласањето продолжило.

–      Гласачко место 0848 во општина Кочани, фалат листови од извадокот од Избирачкиот список во кој се впишани 90 гласачи. Известена е ОИК и гласањето е сеуште во прекин.

–      Гласачки места 0837, 0850 и 0852 во општина Кочани, исто така има прекин во гласањето поради тоа што на секое од овие гласачки места фали по еден лист од Избирачкиот список.

–      Гласачко место 0408 општина Гостивар, од 5те членови на ИО само еден член ја носи потребната легитимација.

–      Гласачко место 2870 општина Центар, гласањето е започнато со 10 минути задоцнување.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста на три конференции за јавност и тоа во 13:15 часот, во 17:15 часот и во 21:15 часот.

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ
06.04.2013, Скопје

МОСТ со најголем број на набљудувачи и на гласањето на 7ми април

Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го набљудува гласањето на 7ми април со околу 2080 набљудувачи, број со кој ќе се покријат од 50 до 60 проценти од гласачките места во рамките на секоја од оние општини во кои ќе се гласа во недела.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено оние места на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Покрај гласањто во недела, МОСТ го набљудува и денешното предвремено гласање на болни и немоќни лица, внатрешно раселени лица, лица во затвор и лица во куќен притвор.

Жолтите маици, на кои на предната страна стои логото на МОСТ и е испишано “Мониторинг 2013“, овластувањата од МОСТ и акредитациите од ДИК, истакнати на видно место, ќе бидат препознатливиот белег на граѓаните, кои како домашни набљудувачи се дел од тимот за набљудување на Граѓанската асоцијација МОСТ. Обележјата на набљудувачите оваа година се разликуваат од тие од претходните години. Имајќи ја во предвид појавата на набљудувачи кои во првиот круг се претставуваа како набљудувачи на МОСТ единствено со акредитација на ДИК, МОСТ потенцира дека набљудувач на организацијата е единствено оној граѓанин кој носи жолта маица, акредитација од ДИК и овластување од МОСТ исклучиво од овие избори.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста на четри конференции за јавност, кои ќе се одржат во 9:15, 13:15, 17:15 и 21:15 часот.

Граѓанската асоцијација МОСТ уште еднаш упатува апел за одржување на фер, слободен и мирен изборен процес.

##########

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ

01.04.2013, Скопје

Граѓанската асоцијација МОСТ го набљудуваше процесот на одлучување по приговорите за гласањето, сумирањето и утврдувањето на резултатите од гласањето, поднесени до Државната изборна комисија.

За жал, мора да се констатира дека Државната изборна комисија не беше на ниво на задачата на највисок изборен орган кој треба да се грижи за законитоста во спроведувањето  на изборите. Имено, при одлучувањето по приговорите ДИК не беше доследна и конзистентна во донесувањето на одлуките.

Граѓанската асоцијација МОСТ нема да ги коментира поднесените приговори од политичките партии.

МОСТ исто така нема да ги коментира поединечните одлуки и гласања на овој орган, со оглед на фактот што дел од нив беа донесени не земајќи ги предвид одредбите во Изборниот законик, туку произлегуваа од тесните политички интереси.

При дискусиите по приговорите членовите на ДИК, наместо да се држат до предметот на расправа често пати држеа политички говори и застапуваа политички ставови што е недозволиво за ваков орган.

Во однос на одлуката со која беа поништени првичните официјални резултати за избор на градоначалник на општина Чаир, соопштени од ДИК, апелираме да се поведе соодветна постапка против лицата кои ги прекршиле законските одредби.

Што се однесува пак на рекордниот број на болни и немоќни лица пријавени за првиот изборен круг, најмалку 13.323 според информациите кои МОСТ ги доби од ОИК, упатството за спроведување на овој вид гласање дефинира дека:

“Болно и немоќно лице е лице кое не е во можност да ги врши основните животни потреби (не е во можност да се движи во станот ниту со користење на соодветни помагала, да одржува основна лична хигиена, да се облекува, да зема храна, ниту да врши други дејства за задоволување на основните животни потреби), односно лицето е неподвижно, потполно слепо, заболено од дистрофија или сродни мускулни или нервно мускуларни заболувања, церебрална или детска парализа или параплегија.”

Нејасно е за каков доказ за здравствената состојба се работи, односно дали таков документ може да издаде и матичен лекар?!

Позитивен е примерот на ОИК Теарце. Имено, во ОИК Теарце имало поднесено 49 барања за предвремено гласање за првиот изборен круг, но откако ОИК најавила дека ќе врши проверки дали овие лица ги исполнуваат условите за овој вид на гласање, сите барања биле повлечени. Апелираме до останатите ОИК да го следат овој позитивен пример и внимателно да ги разгледуваат барањата за предвремено гласање пред вториот изборен круг.

Како што веќе беше констатирано со прелиминарната изјава на МОСТ за првиот изборен круг, во однос на случаите со избирачите кои не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список апелираме до сите граѓани пред вториот изборен круг да ги проверат своите податоци на веб страницата izbirackispisok.gov.mk, за точно да го утврдат избирачкото место на кое можат да го остварат своето избирачко право. Оние граѓани кои што нема да се пронајдат во Избирачкиот список ги упатуваме до подрачните одделенија на ДИК за да утврдат зошто ги нема во Избирачкиот список. Исто така, апелираме до надлежните институции да ги истражат ваквите случаи и да ја информираат јавноста за причините поради кои овие граѓани не се наоѓаат во Избирачкиот список.

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ, и досега е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград.

# # # # #

За дополнителни информации: Граѓанска асоцијација МОСТ  тел. 02/ 30 99 384

ПРЕЛИМИНАРНА ИЗЈАВА
25.03.2013, Скопје

       

Граѓанската асоцијација МОСТ го следеше изборниот процес од денот на распишувањето на изборите, 11 јануари 2013 г. Процесот беше набљудуван преку 18 регионални канцеларии кои ги покрија сите 85, односно 81 ЕЛС, со што беше покриена целата територија на Република Македонија. Изборниот ден МОСТ го следеше со 3.332 набљудувачи, притоа покривајќи околу 50% од вкупниот број на избирачки места при што во секоја општина беше покриен приближно ист процент на избирачки места. За набљудување на процесот на гласање на болните и немоќни лица и лица во домашен притвор беа ангажирани 99 набљудувачи, а за гласањето на избирачите во казнено-поправните установи – 16. Исто така, предмет на набљудување беше и работата на Државната изборна комисија и општинските изборни комисии.

Набљудувачите на МОСТ беа статични и го следеа процесот на гласање во текот на целиот изборен ден. Покрај статичните набљудувачи на гласачките места, Граѓанската асоцијација МОСТ распореди и 86 мобилни тимови, кои служеа како логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ги набљудуваа оние места на кои МОСТ немаше распоредено статични набљудувачи.

Според извештаите и информациите добиени од набљудувачите и од 31 регионален координатор, прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ е дека гласањето на 24-ти март беше спроведено во мирна атмосфера, со голема излезност на граѓаните. Може да се истакне дека избирачките одбори кои беа во нов состав, во најголем дел мошне ефикасно ја извршуваа својата работа во текот на гласањето, а во поспецифични случаи бараа интервенција од општинските изборни комисии кои експресно реагираа и ги решаваа овие случаи. Ова претставува продолжување на позитивната практика која беше забележана и на претходните парламентарни избори.

Најчести нерегуларности за кои известуваа нашите набљудувачи се: групно/семејно гласање, некористење на УВ ламбата, фотографирање на гласачките ливчиња и евидентирање на гласачите од страна на партиските набљудувачи на самото гласачко место. Сепак, мора да се истакне намалениот интензитет на дел од овие појави, како на пример гласањето во име на друг и повеќекратното гласање на исто лице, но од друга страна зголемување на случаите на групно/семејно гласање.

Иако читањето на глас на имињата на избирачите не е дефинирано како прекршување на законот, сепак оваа практика претставува индиректен притисок врз гласачите. Загрижува фактот што ниту една политичка партија не реагира на ваквата појава.

Исто така, имаше повеќе случаи во кои избирачите не можеа да се пронајдат во Избирачкиот список, иако поседуваа биометриски лични документи.

Во однос на предвременото гласање спроведено пред денот на изборите, загрижува фактот што повторно има зголемување на бројот на болни и немоќни лица кои се пријавиле за домашно гласање. Имено, според информациите кои набљудувачите на МОСТ ги добија од ОИК, бројот на вакви лица е најмалку 13.323, за разлика од 2011 г. кога биле пријавени 10.749. Со оглед на прецизната дефиниција на тоа што претставува болно и немоќно лице во упатството донесено од ДИК, мораме да констатираме дека растечкиот тренд на вакви случаи за кој политичките субјекти не реагираат, ја доведува во прашање тајноста на гласот на овие лица. Непропорционалниот сооднос на бројот на гласачи и бројот на пријавени болни и немоќни лица по општина е само уште еден показател за тоа.

Како дел од Пристапниот дијалог на високо ниво беше ревизијата на Избирачкиот список за што беше формирана работна група во која учествуваа сите релевантни институции, вклучувајќи го и МОСТ. Работната група ја заврши својата работа во декември 2012 г. со заклучок дека во Избирачкиот список ќе бидат запишани само оние државјани на РМ кои имаат важечки биометриски лични документи. Со оглед на тоа што се работеше за краток период до започнувањето на изборниот процес, ова беше најефективната мерка што можеше да се преземе. Сепак, иако на почетокот од работата на работната група во март 2012 г. МОСТ имаше предлог да се направи и теренска проверка на Избирачкиот список, истата не беше спроведена. Со тоа повторно се остави простор за недоверба во податоците во Избирачкиот список, па така на неколку дена пред изборите една од политичките партии побара од ДИК да провери дали 13.869 избирачи се незаконски запишани во Избирачкиот список. Од друга страна, ДИК не издаде официјално соопштените за увидот во Избирачкиот список, односно колку промени биле направени во истиот согласно законските одредби и во законски предвидениот рок. Граѓанската асоцијација МОСТ во претходните изборни процеси овие информации ги обезбедуваше од подрачните одделенија на ДИК, но овој пат тие не беа овластени да ни даваат такви информации.

Поради политичката криза која се создаде, за првпат Изборниот законик се промени за време на изборите и тоа во два наврати , со кои два пати беше поставуван нов рок за поднесување на кандидатските листи. Мора да се истакне дека овие измени не им овозможија на групи избирачи да го искористат дополнителниот рок за доставување на кандидатски листи, односно тој важеше само за политичките партии или коалициите.

Генерално, работата на Државната изборна комисија беше јавна и транспарентна. Државната изборна комисија се соочи со голем тест кога коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ достави барање за повлекување на своите советнички листи во Кичево и Струга, со цел во овие 2 општини да настапи во заедничка коалиција со СДСМ. Прашањето на повлекување на листите не е уредено во Изборниот законик што предизвика серија на настани кои не треба да се случуваат во текот на спроведувањето на изборниот процес.

Во однос на законските рокови за спроведување на изборните дејствија, тие генерално беа почитувани.

Повторно бевме сведоци на предвремено започнување на кампањата, најмногу поради минималните казни предвидени за тоа, но загрижува и фактот на непостапување по ваквите прекршувања од страна на Државната изборна комисија. Имено, на неколку дена пред денот на изборите до ДИК беа доставени претставки за предвремено започнување на кампањата од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Иако ДИК имаше можност овие претставки да ги разгледа и да одлучи пред изборите, сепак претставките остануваат дополнително да бидат разгледани.

Изборната кампања за првиот круг се карактеризираше со интензивна активност од страна на политичките субјекти. Големиот степен на политичка поларизираност, негативната кампања, злоупотребата на државни и јавни ресурси, односно користењето на службени возила, присуството на малолетници на митинзите на политичките партии, а мошне често и говорот на омраза беа препознатлив декор и на оваа изборна кампања. По подолго време беше забележана зголемена употреба на националистичка реторика. Исто така, забележлива беше поддршката на кандидатите од владејачките партии од страна на централната власт. Иако ова не е во спротивност со законот, сепак ја доведува во прашање суштината на локалната самоуправа.

МОСТ изразува голема благодарност до сите граѓани кои несебично ги помогнаа напорите на домашно, непартиско набљудување на изборите и кои беа дел од големото семејство на МОСТ, како и до сите поддржувачи кои ја помогнаа мисијата на Граѓанската Асоцијација МОСТ.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на локалните избори 2013” сe спроведува од страна на Граѓанската асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 21:00 часот
24.03.2013, Скопје

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега е забележани се следните неправилности на гласачките места:

  • Гласачко место 1852 општина Струга забележани 27 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1930 општина Тетово забележани над 30 случаи на семејно гласање.
  • Во ОИК Суденичани пријавени се 23 гласачи кои имале биометриски лични карти, а ги немало во ИС.
  • Гласачко место 1376 општина Прилеп две лица во два одделни наврати се фатени како сликаат гласачки ливчиња. Во двата наврати реагирала полицијата. И во двата случаи имало прекин од 10 минути по што гласањето продолжило.
  • На гласачките места 1944 и 1989 општина Тетово забележани се над 15 случаи на семејно гласање поединечно.
  • Гласачко место 1947 општина Тетово забележани се над 30 случаи на некористење на УВ ламба.
  • Гласачко место 1956 општина Тетово малолетно лице сакало да гласа со туѓа лична карта, а ИО му издал гласачки ливчиња. Потоа ИО ја увидел грешката и ги поништил гласачките ливчиња и ги ставил во гласачката кутија. Полицијата извршила увид и случајот е внесен во записникот од ИМ.
  • Гласачко место 0301 општина Валандово регистрирани се 10 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1682 општина Свети Николе се читаат на глас имињата на гласачите
  • Во општина Гази Баба на гласачкото место 2507 – 20 лица, гласачко место 2509 – 30 лица и гласачко место 2510 – 30 лица не се нашле во ИС.

По затварањето на ИМ 2764 и 2765 во Дом на слепи, ИМ 2766 и 2767 во ОУ Круме Кепески и на ИМ 2655 во месна заедница Пржино во општина Кисела Вода имало прекин струја. Исто така и во ИМ 2557 и 2558 во ОУ Димитар Поп Ѓоргиев Беровски општина Ѓорче Петров нема струја.

На бесплатниот телефонски број 080 080 080 граѓаните најчесто се обраќаа за тоа како да дознаат на кое гласачко место гласаат, да пријават читање на глас на имињата на гласачите на гласачите места, да се пожалат дека ги нема во ИС и да пријават расфрлан пропаганден материјал.

Граѓанската асоцијација МОСТ прелиминарната оценка за изборите ќе ја даде утре на прес конференција која ќе се одржи во 13:30 часот.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

press_1700_24.03.2013СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 17:00 часот
24.03.2013, Скопје

Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега е забележани се следните неправилности на гласачките места:

  • Гласачко место 1537 општина Пробиштип, на едно лице му е дадено да гласа пред да се провери во ИС и додека тој бил зад параванот ИО утврдил дека тоа лице не е на ИС. Ливчињата се поништени и направен е записник.
  • Гласачко место 0937 општина Кратово параванот за гласање има отвор поради што е нарушена тајноста на гласањето.
  • Гласачко место 0845 општина Кочани имало 15 минутен прекин поради распани УВ ламби. Поправени се и продолжило гласањето.
  • Гласачко место 0678 општина Кавадарци партиски набљудувач правел список со гласачи бидејќи се читаат на глас. По реакција на останатите членови на ИО и набљудувачите списокот му е одземен и скинат по што гласањето продолжило.
  • Гласачко место 2563 општина Ѓорче Петров набљудувач на политичка партија во 7 случаи им помагал на гласачите при гласањето и им сугеририрал за кого да гласаат.
  • Гласачко место 2916 општина Чаир гласач не бил запишан во ИС, а му било дозволено да гласа.
  • Гласачко место 1583 општина Радовиш забележани повеќе од 10 случаи на семејно гласање, како и случај во кој едно лице им помага за гласање на повеќе лица.
  • Гласачко место 1906 село Лабуништа општина Струга забележани повеќе од 10 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1908 село Лабуништа општина Струга забележани 14 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 1905 село Лабуништа општина Струга повеќе од 35 случаи на семејно гласање.
  • Гласачко место 2613 општина Карпош регистрирано е неовластено присуство на носител на кандидатска листа во објектот.
  • Гласачки места 0276, 0277 и 0279 општина Пласница забележено е системско прекршување на процедурата на гласање. Забележани се повеќе од 60 случаи на семејно гласање и систематско на некористење на УВ ламба
  • Гласачко место 1253 општина Охрид регистрирани се два случаи во кои на гласачките ливчиња имало кандидат од друга општина. ОИК го посетила гласачкото место и овие ливчиња ги ставиле во посебен плик.
  • Гласачко место 1999 општина Тетово забележани повеќе од 35 случаи на семејно гласање.

Забележано читање на глас на имињата на гласачите:

  • Гласачко место 2848 општина Центар
  • Гласачко место 0914 општина Кратово
  • Гласачко место 2860 општина Центар

МОСТ уште еднаш напоменува дека на овие избори единствени овластени набљудувачи на МОСТ се оние граѓани кои покрај акредитацијата од ДИК имаат овластување од МОСТ и носат жолта маичка на која е испишано Мониторинг 2013.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 13:00 часот
24.03.2013, Скопје

press_1300_24.03.2013 Според потврдените информации, дојавени од набљудувачите и регионалните канцеларии на МОСТ, досега е забележани се следните неправилности на гласачките места:

  • Гласачко место 1917 село Велешта општина Струга, забележано е групно гласање, семејно гласање, присуство на неовластено лице кое им помага на гласачите позади параванот. По пристигањето на полицијата лицето си заминало.
  • Гласачко место 2158 во општина Велес гласањето било во прекин 35 минути поради забелешката на претставник на политичка партија дека недостасува гласачко ливче. ИО утврдил дека се е во ред со гласачките ливчиња по што гласањето продолжило.
  • Гласачко место 2692 општина Аеродром ИО ги чита на глас имињата на гласачите. По реакцијата на набљудувачите на подносителите на листи имињата се читаат само потивко. На набљудувачот на еден од подносителите на листи од страна на ИО му е одземен списокот на кој ги евидентирал имињата на лицата кои го оствариле своето право на глас.
  • Гласачко место 0931 општина Кратово имало прекин на гласањето од 10 минути поради скршен печат. Печатот е поправен и е продолжено со гласање. ИО на ова гласачко место ги чита на глас имињата на гласачите.
  • Читање на глас на гласачите е забележано и на следните гласачки места:
    • Гласачко место 2809 општина Центар, ИО ги чита на глас имињата на гласачите. Образложението било дека се договориле така со набљудувачите на подносителите на листи.
    • Гласачко место 2638 општина Карпош,
    • Гласачко место 2816 општина Центар
    • Гласачко место 2642 општина Карпош
    • Гласачко место 2650 општина Карпош
  • Гласачко место 2860 Општина Центар ИО по грешка му дал на гласачот 2 ливчиња за Совет на Град Скопје. По увидената грешка на гласачот му е наложено едното ливче да го направи неважечко и да го покаже пред ИО. Гласачот одбил да го стори тоа и ги пуштил двете ливчиња во кутијата.
  • Гласачко место 0674 општина Кавадарци, гласач е фатен како го слика гласачкото ливче, при што и двете ливчиња му се одземени од страна на ИО, исто така одземена му е и личната карта и повикана е полиција. Гласањето продолжило.
  • Гласачко место 0648 општина Демир Хисар, дошло до прекин на гласањето бидејќи еден гласач откако го земал материјалот за гласање отишол позади параванот, по што во афект ливчињата ги оштетил и со нив го напуштил гласачкото место. Полицијата го нашла, му ги одземала ливчињата и истите се вратени во кутијата. Гласањето било во прекин 30 минути по што продолжило.
  • Гласачко место 1584, општина Радовиш во гласачкото место имало неовластени лица кои сугерирале на гласачите како да гласаат, истите по реакција на претставник на политичка партија биле отстранети од страна на полицијата.
  • Гласачко место 0845 општина Кочани, прекин на гласањето поради гужва на гласачкото место и поради тоа што претседателот на ИО на некој од гласачите на глас ги читал имињата на кандидатите, по реакција на ОИК, изречено е предупредување до претседателот на ИО и гласањето продолжило.
  • Гласачко место 1966 општина Тетово, злоупотреба односно некористење на УВ ламбата во повеќе од 20 случаи.
  • Гласачко место 2731 општина Аеродром, член на ИО ставил 4 гласачки ливчиња во ташна, на што реагирал претседателот на ИО, при претресот на ташната најдени се само 3 ливчиња, повикана е полиција, гласањето е било кусо во прекин, по што продолжило, сеуште се чека полицијата.

Забележана е појава на набљудувачи кои се појавуваат на ИМ само со акредитации од ДИК и се преставуваат како набљудувачи на МОСТ. Напоменуваме дека на овие избори единствени овластени набљудувачи на МОСТ се оние граѓани кои покрај акредитацијата од ДИК имаат овластување од МОСТ и носат жолта маичка на која е испишано Мониторинг 2013.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

СООПШТЕНИЕ ЗА МЕДИУМИ- 09:00 часот
24.03.2013, Скопје

press_0900_24.03.2013Граѓанската асоцијација МОСТ денешното гласање ќе го следи со 3200 набљудувачи, кои ќе покријат околу 50 проценти од избирачките места на територијата на Р Македонија, како и 50 проценти од гласачките места во рамките на секоја општина.

Набљудувачите на МОСТ се статични, и ќе го следат процесот на гласање во текот на целиот ден. Покрај тоа, има и мобилни тимови, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и ќе ги набљудуваат повремено местата на кои МОСТ нема статични набљудувачи.

Според информациите од набљудувачите и регионалните координатори отворени се сите гласачки места на кои МОСТ има распоредено свои набљудувачи. Досега, забележано е:

  • Гласачко место 1720 во општина Струмица е отворено на време, но набргу по отварањето на гласачкото место имало прекин на гласањето поради тоа што ИО увидел дека постои вишок од 33 гласачки ливчиња. ОИК извршила увид на самото ИМ, при што е констатирана грешка во сериските броеви и дадена е препорака истото да биде забележано во записникот, по што гласањето продолжило.
  • Гласачко место 0957 во општина Крива Паланка е отворено со задоцнување од 1 час поради снег. Оваа инаформација е потврдена од ОИК Крива Паланка.
  • Гласачко место 0925 во општина Кратово е отворено во 7 и 30 часот. На ова гласачко место забележано е и читање на глас на имињата на гласачите.
  • Гласачко место 2295 во општина Штип, е отворено во 7 часот но било прекинато во 7 и 15 часот поради тоа што пред објектот во кој се наоѓало ИМ имало билборд на политичка партија. ОИК во соработка со против пожарната служба го отстраниле пропагандниот материјал и гласањето продолжило во 7 и 45 часот.

Во текот на денот, за граѓаните кои сакаат да пријават евентуални нерегуларности или да дадат информации поврзани со изборниот процес, ќе биде отворена бесплатната телефонска линија 080 080 080. Доколку граѓаните не се сигурни каде можат да го остварат своето право на глас, со внесување на своите податоци можат да проверат на интернет страната izbirackispisok.gov.mk.

Сите потврдени информации од набљудувањето на денот на изборите, МОСТ ќе и ги соопшти на јавноста на три конференции за јавност и тоа во 13 часот, во 17 часот и во 21 часот.

# # # # #

Проектот “Домашно набљудување на Локалните избори 2013“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Сојузна Република Германија, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

Граѓанската асоцијација МОСТ денеска одржа прес конференција на која го презентираше изгледот и распоредот на своите набљудувачи, како и начинот на известување од денот на гласање – 24 март.

На конференцијата покрај г-динот Дарко Алексов, говореа и Амбасадорката на Сојузна Република Германија, г-а Гудрун Штајнакер, Амбасадорката на Кралството Холандија, г-а Мариет Шурман и Амбасадорот на Кралството Британија, Кристофер Ивон кои заеднички упатија порака за слободни, фер и демократски избори.

Read more…

               

На 16 март се одржа вториот брифинг за регионалните координатори кои работат во рамките на проектот „Домашно набљудување на Локалните избори 2013“. На брифингот беше направен пресек на она што досега е сработено, а беа  презентирани формуларите како и планот на комуникација за денот на изборите.

       

Граѓанската асоцијација МОСТ одржа конференција за медиуми на која беа презентирани досегашните согледувања од текот на изборниот процес.

Од почетокот на изборниот процес Граѓанската асоцијација МОСТ има ангажирано регионални координатори во 18 регионални канцеларии, кои ја покриваат целата територија на Македонија. Овие канцеларии ја набљудуваат работата на изборната администрација, периодот пред почетокот на изборната кампања и текот на изборната кампања. Врз основа на податоците од 242-та извештаи за досегашното набљудување, МОСТ забележа одредени прекршувања на изборните правила кои имаат влијание врз спроведувањето на изборниот процес. Повеќе….

Граѓанската асоцијација МОСТ денес на конференција за медиуми го објави официјалниот почеток на активностите од  проектот „Домашно набљудување на Локалните избори 2013“.

На истата беше упатен и јавен повик до граѓаните за пријавување за набљудување на изборите (Регионални канцеларии на МОСТ).

Во рамките на конференцијата беше промовирана и кампањата „Кликни и провери се“ дел од проектот „Активни за демократија“.

Соопштение за медиуми “Кликни и провери се”

Соопштени за медиуми “Повик за пријавување набљудувачи за локалните избори 2013”

The Citizens Association MOST conducted the first briefing for the regional coordinators who are engaged in the frames of the project ;Domestic monitoring of the Local elections 2013